И натаму е ризично водоснабдувањето за 5 проценти од населението во Kавадаречко, или за 2.142 жители, кои со вода за пиење се снабдуваат преку локални селски водоводи, природни чешми и бунари, се вели во најновиот извештај за следење на состојбата за водоснабдувањето и квалитетот на водата за пиење во општините Кавадарци и Росоман за периодот од првата половина на оваа година, изготвен од кавадаречката подрачна единица на Центарот за јавно здравје Велес. Иста беше ситуацијата и на крајот од претходната година.
Раководителот на подрачната единица д-р Трајче Ризов, кој е специјалист по хигиена, вели дека вршат испитување на исправноста на водата за пиење како од градскиот водовод „Лукар“, така и од сите останати водоводни објекти како локални селски водоводи, чешми и бунари во двете општини.
Во шесте месеци, биле испитани 279 мостри вода за пиење.
„Од овие 279 мостри, 210 мостри се испитани од градскиот водовод ‘Лукар’ (градска мрежа, стопански организации и села приклучени на градскиот водовод) и сите се како физичко-хемиски, така и бактериолошки исправни, односно водата е безбедна за пиење“, вели д-р Ризов.
Од селските локални водоводи земени биле вкупно 48 мостри на вода за пиење. Од овие мостри вода, 12 биле бактериолошки исправни, бидејќи биле земени од селски водоводи кај кои се врши хлорирање на водата. Останатите 36 мостри кај кои не се врши дезинфекција на водата, покажале висока бактериолошка неисправност, од нив 34 биле бактериолошки неисправни, или 94.4 отсто. Кај останатите 27 мостри земени од други водоводни објекти како природни чешми и бунари, водата покажала висок процент на бактериолошка неисправност од 85.2 проценти.
„Кај бактериолошки неисправните мостри на вода се изолирани бактерии индикатори на фекално загадување, најчесто ешерихија коли и колиформни бактерии, предизвикувачи на цревни заразни заболувања, додека физичко-хемиската неисправност е поради тоа што кај најголем број на локалните водоводи не се врши хлорирање на водата“, стои во извештајот.
Ваквата состојба, според д-р Ризов, се повторува скоро секоја година, затоа што овие селски водоводи се оставени на месните заедници, кои не ги одржуваат оти немаат пари.
„Кавадарци, селата приклучени на градскиот водовод ‘Лукар’ и села со локален водовод каде се врши хлорирање на водата со вкупно 40.740 жители или 95 отсто од вкупното население во двете општини , редовно се снабдуваат со хигиенски исправна вода за пиење, додека кај 5 проценти или за 2.142 жители водоснабдувањето е ризично, преку локални селски водоводи, природни чешми и бунари“, вели д-р Ризов.
Се препорачува да се изврши асанација на сите локални селски водоводи и да се спроведе редовно дезинфекција, односно хлорирање на водата, за да се добие безбедна вода за пиење и кај ова 5 отсто население.
Кавадаречкиот градоначалник Александар Панов вели дека во неколку села се обезбедени автоматски хлоратори заради бактериолошка исправност на водата. Хлоратори добиле селата Бојанчиште, Куманичево, Долна Бошава, Крњево, Страгово.
„Останаа уште неколку села и до крајот на годината и за нив ќе обезбедиме автоматски хлоратори. Но морам да нагласам дека минатата година, една седмица по поставувањето на автоматски хлоратор за водата во селото Бојанчиште, беа украдени колекторот кој требаше да обезбедува струја токму за тој хлоратор, но и самиот хлоратор. А сето тоа чинеше околу две илјади евра. Не се успеа ниту да се пушти во употреба тој хлоратор, токму поради кражбата која е пријавена во полицијата“, вели Панов.
Марјан Прескакулев, раководител на работна единица за водовод и канализација при Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци нагласува дека после долги години проблем со водоснабдувањето, жителите во градот и селата кои се снабдуваат со вода за пиење од регионалниот водовод, конечно веќе неколку години, не се соочуваат со редукции.