ЗАМАТЕНОСТА НА ВОДАТА ВО КАПТАЖАТА КАЈ ЛЕШНИЦА ОСТАВИ ДЕЛОВИ НА ТЕТОВО БЕЗ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

    ЗАМАТЕНОСТА НА ВОДАТА ВО КАПТАЖАТА КАЈ ЛЕШНИЦА ОСТАВИ ДЕЛОВИ НА ТЕТОВО БЕЗ ВОДА ЗА ПИЕЊЕКаптажата е затворена откако обилните врнежи ја заматиле водата со кал и песок (Фото: СДК.МК)

    Вчера и денеска во повеќе реони на Тетово се чувствува намален притисок во водоводната мрежа. Како и досега, најпогодени се повисоките делови на градот и висококатниците, каде вода за пиење нема и по неколку часови во денот.

    Од јавното комунално претпријатие „Тетово“ велат дека причината за ова е затворањето на каптажата кај месноста Лешница, од каде се зема вода од реката Пена и се носи до филтер станицата.

    „Обилните дождови кои деновиве паѓаа на тетовското подрачје многу ја заматија водата во горниот тек на Пена, од каде, покрај шарските извори, градот се снабдува со вода за пиење. Високата заматеност со песок и кал, која според мерните инструменти го надмина индексот 2, придонесе автоматски да се затвори дотокот на водата во филтер станицата, каде се врши нејзино пречистување. Ова е автоматски процес бидејќи високата заматеност на водата може да предизвика големо оштетување на филтрите. Екипите на ЈКП ‘Тетово‘ се на терен на Лешница и ја следат состојбата. Условите за работа се тешки бидејќи ноќеска таму паднал и снег, но велат водата почнала постепено да се разбиструва, па можно е наскоро филтер станицата повторно да проработи и да се нормализира снабдувањето на градот со вода. Ваквото заматување на водата во овој период од годината е вообичаена појава поради обилните дождови“, изјави Љуљзим Шаќири, раководител на РЕ Водовод и канализација при ЈПК „Тетово“.

    За да се ублажи недостатокот од вода за пиење, активирани се и три речни бунари, кои се ставаат во функција кога е намален дотокот на водат од главните извори.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира