Заменик-градоначалничката на Град Скопје Бујаре Абази од Алијанса за Албанците денеска си поднесе оставка од функцијата. Градоначалничката Данела Арсовска ја назначи Абази да ѝ биде заменичка непосредно по стапување на функција, како дел од коалициониот договор кој за време на изборите го имаше со албанскиот опозициски блок.
Абази вели дека си поднесува оставка бидејќи не сака да биде во коалиција со ДУИ односно тоа е спротивно на вредностите кои ги промовира таа и нејзината партија.
„Договорот со Арсовска се прекрши со тоа што таа назначи директори од редовите на ДУИ. Не е морално јас како член на Алијанса за Албанците да бидат дел од раководството на Градот. Ќе продолжам да дејствувам како советничка во Советот на Град Скопје“ , вели Абази.
По оставката на Абази од кабинетот на Арсовска соопштија дека таа не била партиско решение и на функцијата заменик била назначена како личност која треба да ги застапува интересите на граѓаните.
„Искрено жалиме што Абази одлучи партијата да ја стави пред интересот на градот и скопјани, но тоа е нејзина одлука“, кажаа од кабинетот на Арсовска.
Вчера Арсовска во „Улици и патишта“ и во „Паркови и зеленило“ назначи кадри на ДУИ блиски на крилото на Изет Меџити и Блерим Беџети, таканаречената „огнена група“ која минатата недела со отворено писмо побара смена на Артан Груби. За в. д. директор на „Улици и патишта“ е назначен Саид Саид, а во „Паркови и зеленило“ Реџепи Зухејр, син на поранешниот реис Сулејман Реџепи.
Советниците од редовите на ДУИ денеска кажаа дека ќе продолжат да дејствуваат како опзиција во Советот на Град Скопје, а тоа што нивни членови прифатиле да бидат дел од тимот на Арсовска е лична одлука, не е став на партијата.
А. АНТЕВСКА