Реката Отиња во Штип ноќеска целосно замрзна во должина од неколку километри, како последица на екстремно ниските температури во изминатите неколку денови. Мразот го зафати коритото од самиот извор и местото каде што се гради новата брана, па сè до вливот во реката Брегалница.
Замрзнатата површина низ централното градско подрачје стана нова атракција, особено за младите штипјани. Речното корито, кое беше уредено пред една деценија во должина од два километри, денес служи како модерно шеталиште со пешачки патеки од двете страни.
„Целото корито беше осветлено и новогодишно украсено уште пред еден месец, а сега со замрзнувањето на водата се чини дека се комплетираше празничниот сјај на градот“, велат штипјани кои редовно шетаат покрај Отиња и во овие студени денови.
Според мислењата на дел од граѓаните, оваа зимска слика во иднина ќе стане реткост. Со завршувањето на изградбата на браната, која е предвидено да биде готова до крајот на 2027 година, реката ќе има значително поголем водостој.
Новата акумулација ќе собира 3 милиони кубни метри вода. Се очекува постојаното испуштање на вишокот вода во зима да го спречи замрзнувањето, додека во летните месеци, Отиња треба да функционира како природен освежувачки филтер на градот против високите температури.
Т. ЈОВАНОВСКИ



