ЗАНАЕТЧИИТЕ ПОРАДИ КРИЗАТА ГИ ЗАТВОРААТ ДУЌАНИТЕ И РАБОТАТ НА ЦРНО, КОМОРАТА БАРА ПОМОШ ОД ДРЖАВАТА

    ЗАНАЕТЧИИТЕ ПОРАДИ КРИЗАТА ГИ ЗАТВОРААТ ДУЌАНИТЕ И РАБОТАТ НА ЦРНО, КОМОРАТА БАРА ПОМОШ ОД ДРЖАВАТАБројот на занаетчиските фирми во овој дел од државата од година во година се намалува, оти нема млад кадар што сака да се занимава со одреден занает. (Фото: СДК.МК)

    Економската криза удрира и врз занаетчиите, кои поаради високите трошоци и давачки кон државата се приморани да ги затворат дуќаните и да преминат во сивата економија, аламираат од Занаетчиската комора на Струмица и бараат одредена државна помош за овие фирми кои се претежно семејни бизниси со еден до двајца вработени.

    Петар Узунов од Комората вели дека претходно пандемијата, а сега и енергетската криза ги принудија занаетчиите да стават клуч на работилниците или дуќаните и своите услуги да ги нудат на црно. Затоа, државата ќе мора да размисли за нив бидејќи и така се осипува бројот на вакви фирми.

    „Секако, поради високата цена на струјата, репроматријалите, занаетчиите ќе мора да ги зголемат цените, а знаеме каква е куповната моќ кај граѓаните. На крајот ќе се случи да затворат дуќаните и да продолжат во делот на сивата економија. Апелирам до надлежните да се најде некој модел да се помогне на занаетчиските фирми, некаков вид субвенции, оти тие се мали со по еден до двајца вработени. Сега треба а им се помогне да ја пребродат кризата, оти вака ќе сме сведоци на затворање на овие семејни бизниси“, вели Узунов од Комората на  Струмица која е одговорна и за занаетчиите во Радовиш.

    Бројот на занаетчиските фирми во овој дел од државата од година во година се намалува, оти нема млад кадар што сака да се занимава со одреден занает. Тие овде го учат занаетот или стекнуваат одредени вештини, а потоа заминуваат во странство иако и овде се чувствува потреба од вакви услуги, пред сè за електричари, монтери, бравари, молери.

    Во Струмичко-Радовишкиот Регион има околу 430 активни занаетчиски фирми. Најголемиот дел се фризерски, козметички салони, автоработилници, додека помал дел се занаетчии како електричари, монтери, бравари, столари . Според Комората, само пред две децении во Струмица имало 1.500 лица кои се занимавале со одреден занает и впишани во регистарот на Занаетчиската комора.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира