Од запалени контејнери во дворот на Средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола се опожари и дел од фасадата и градежната дрвенарија од задната страна на школото.
„За време на празничните неработни денови, поточно на 11 април во 1:30 часот по полноќ, беше извршен вандалски чин со палење на контејнерите во дворот на училиштето, при што пожарот се прошири и предизвика оштетување на фасадата на задниот дел на објектот“, соопштија од училиштето.
Со навремената интервенција на надлежните служби од Противпожарната единица и Министерството за внатрешни работи (МВР), пожарот бил локализиран и спречено негово проширување врз училишниот објект. Случајот е пријавен во полиција и во тек е постапка за откривање и санкционирање на сторителите.
„Остро го осудуваме овој чин на уништување на јавен имот и апелираме до надлежните институции за брза и ефикасна разрешница. Училиштето ќе ги преземе сите потребни мерки за целосна санација на штетата и дополнително зајакнување на безбедноста“, соопштија од Средното медицинско училиште.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



