Запалени суви гранки од резидба на овоштарник кои стоеле со години и запалена сува вегетација, трски и капини на необработени површини се првичните причини за големиот пожар што се случи сношти меѓу Струмица и населеното место Баница кај месноста Софилар. Ова го кажа Митко Димчев, инспектор за пожари при Дирекцијата за заштита и спасување откако денеска инспектори од повеќе институции направија увид на опожарената површина за да се откријат причините.
,,На лице место кај што е почнат пожарот откривме 3 до 4 жаришта. Запалени се суви гранки од овоштарник кои биле таму повеќе години и запален е простор со трска, трње и капини. Поради ветерот пожарот прво почнал да се движи кон село Баница, па потоа ветерот го сменил правецот и продолжил кон Струмица. За среќа, кога пожарот дојде до Струмица ветерот го смени правецот и пожарот се насочи кон опожарената површина. Во месноста Софилар браневме 5- 6 објекти да не се опожарат“, рече Митко Димчев.
Од првичниот увид 99 отсто од опожарената површина е необработено земјоделско земјиште обраснато со трска и капини. Пожарот предизвика штета на овоштарник со сливи.
„Треба да се знае дека палењето е забрането со закон. Секој што сака да запали стрништа, земјоделски отпад, треба да го пријави во Противпожарната единица. Но, верувајте некои земјоделци и сточари намерно палат, а тоа е кривично дело. Овој пожар ќе го водиме како предизвикување општа опасност што е кривично дело за кое се оди во затвор“, вели Димчев
ЦУК објави дека овој месец во земјава се евидентирани 484 пожари на отворен простор од кои 23 се шумски, а во останатите горела висока сува трева, стрништа и нискостеблеста деградирана шума.
В.ТРАЈКОВ