Во новата учебна година во Битола се запиша 651 прваче или за 116 помалку од лан,и кога имаше 767 првооделенци. Со ова, Битола е меѓу градовите со најголем пад на бројот на првачиња во земјава. Од Општина Битола рекоа дека уписот сѐ уште трае и бројката во текот на овој месец може да биде променета.
Според досегашната евиденција, најмалку првоодделенци има во основните училишта во руралните средини, но и во централни училишта во градот. На општинската Комисиј за јавни дејности одржана на 18 август, најголемиот дел од директорите на битолските училишта се пожалија дека има намален број првачиња. Ова е изразено и во училиштата во строгиот центар на Битола, како што се „Гоце Делчев“ и „Кирил и Методиј“.
Советот на Општината повторно даде согласност во новата учебна година да можат да работат паралеки со помал број ученици од законскиот минимум, за да не доаѓа до згаснување на училишта.
„Свесни сме дека Битола отсекогаш била печалбарски град, но нашата обврска како локална самоуправа е преку овие и многу други проекти да делуваме со системски пристап – да ја намалиме миграцијата, да создадеме услови младите да ја гледаат својата иднина тука и дури да ги мотивираме нашите иселеници да се вратат назад“, велат од Општина Битола.
За таа цел, велат дека ги започнале проектите за нова градинка во објектот на поранешниот Дом за доенчиња, уредување на новоизградената градинка во АРМ и изградба на градинка кај ОУ „Климент Охридски“, поставени фотоволтаични системи во шест основни училишта, реконструкцијата на енергетски ефикасна фасада во ОУ „Стив Наумов“. Во тек се постапките за изградба на девет училишни спортски игралишта во основните училишта и три училишни спортски сали. Воведена е финансиска поддршка од 3.000 денари за секое прваче, како и парични награди за талентираните и наградени ученици.
Ж. ЗДРАВКОВСКА