Започна, но и веднаш беше одложено повтореното судење за трагичната смрт на тетовката Теодора Ристовска, која загина во сообраќајна несреќа во 2022. Судијата во Основниот суд во Тетово, Елведин Ферати, го одложи судењето поради отсуство на обвинетиот Менсур Пајазити и на неговиот бранител Александар Богдановски.
Ова е повторено судење откако Основниот суд Тетово го осуди Пајазити на три и пол години затвор, па Апелацискиот суд во Гостивар му ја намали казната на две години, по што Врховниот суд ги укина двете пресуди и го врати судењето во Основен суд Тетово.
„На 3 март 2025 сопругата на обвинетиот достави поднесок со кој извести дека тој се наоѓа на лекување во Клиничката болница и достави медицински извештај од Клиничката болница дека како пациент е задржан на одделот за интерна медицина. Бидејќи не се исполнети законските претпоставки за главна расправа, истата се одложува за 27 март во 11 часот и 30 минути“, изјави судијата Ферати.
На ваквото одолговлекување на судењето реагираше семејството Ристовски, кое и при првото судење се соочуваше со тоа.
„По две и пол години повторно се наоѓаме пред Основен суд, повторно ни ја враќаат болката, повторно го преживуваме истиот хорор. Сестра ми имаше само 22 години. Студентка која се бореше за своите права, имаше соништа и беше човек со огромна душа. Овие луѓе денеска тука дојдоа да ни дадат поддршка, бидејќи сестра ми имаше душа за сите. Не ми е јасно уште колку треба да поминуваме низ истиот пекол за нешто што е очигледно и колку солзи треба да пролееме“, изјави Ева Ристовска, сестрата на Теодора.
Пред Основниот суд во Тетово денеска во знак на поддршка на семејството Ристовска се собра група граѓани кои бараат праведно судење. Теодора беше прегазена на пешачки премин на 15 август 2022 на булеварот Видео Смилевски-Бато.
З. АНДОНОВ