Во Основен суд Велес започна повторното судење на лекарите Томчо Ванчев (анестезиолог), Венци Чалков и Дончо Москов (гинеколози), кои се обвинети за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе.
Трагичното породување се случи на 22 октомври 2015 во ЈЗУ Општа болница Гевгелија. Докторите се товарат за кривичното дело тешки дела против здравјето на луѓето. Со претходна изречената првостепена пресуда од судијката Габриела Гајдова, Ванчев беше осуден на четири години затвор, додека Чалков и Москов беа ослободени од вина. Скопска Апелација го врати случајот на повторно судење, откако ја прифати жалбата на одбраната на Ванчев и жалбата на обвинителството за изречените ослободителни пресуди.
На новото судење треба да се утврдат улогата на гинекологот-лидер на докторскиот тим критичната вечер и можноста тој да ја спречи смртта на родилката, дали докторите кои учествувале во породувањето постапувале согласно медицинските протоколи и пракса и дали е нарушена кохезијата на лекарскиот тим.
Прв беше сослушан педијатарот Ицо Дојранлиев од Гевгелија, кој како приватен доктор имал склучено договор со ЈЗУ Општа болница Гевгелија да дава помош при породувањата.
„Кога имаше договорено царски рез бев повикуван два-три часа претходно, а при природното породување, доколку има потреба од мене, ме викаа при самото породувањето. За случајот со Маја Кадиева ме викнаа во 21:50 часот, кога породувањето веќе беше започнато“, кажа д-р Дојранлиев.
Повеќето од медицинскиот персонал кој бил присутен вечерта на договореното породување со царски рез сведочеа дека тие кога биле дежурни не знаеле дека има оперативен зафат, туку биле дома и чекале да бидат телефонски побарани непосредно пред царскиот рез. Така било и во случајот со Кадиева.
Сведочеше и сопругот на Маја Кадиева, Димитрие. Тој рече дека за породувањето дознале откако критичниот ден биле кај матичниот гинеколог.
„Утрото на 22-ри отидовме кај матичниот гинеколог на контрола. Некој ја побара Маја на мобилен, ми кажа дека е од Гинекологија и се качивме горе. Доктор Чалков ни соопшти дека вечерта во 19 часот ќе се врши царски рез, бидејќи следниот ден е голем празник, па доколку има потреба од помош, ќе нема доктори. Јас заминав во Дојран да ги земам потребните нешта, а Маја остана на одделението. Таа сакаше да се породи со царски рез поради траумите при првото породување. Велеше ‘не ми е страв за мене, туку за бебето‘. Матичниот доктор сметаше дека не е време за породување, оти не е терминот“, рече Кадиев.
Тројцата доктори и понатаму тврдат дека не се виновни за смртта на Маја Кадиева и нејзиното бебе. Обвинителството е со став дека со своето несовесно однесување тие придонеле за смртта на Кадиева и бебето. Судењето продолжува во средината на декември, со сослушување на вештите лица.
П. ПЕЧКОВ