ЗАПОЧНА ПРИМЕНАТА НА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ЗА ПОВАРДАРИЕТО, ЗА ДЕН И ПОЛ 151 КАЗНА, ТОШКОВСКИ ВЕЛИ ДЕКА СИСТЕМОТ Е ЗА СПАСУВАЊЕ ЧОВЕЧКИ ЖИВОТИ, А НЕ ЗА ПОЛНЕЊЕ НА БУЏЕТОТ

    ЗАПОЧНА ПРИМЕНАТА НА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ЗА ПОВАРДАРИЕТО, ЗА ДЕН И ПОЛ 151 КАЗНА, ТОШКОВСКИ ВЕЛИ ДЕКА СИСТЕМОТ Е ЗА СПАСУВАЊЕ ЧОВЕЧКИ ЖИВОТИ, А НЕ ЗА ПОЛНЕЊЕ НА БУЏЕТОТВелес доби и команден центар за овој систем, сместен во поранешните простории на Министерството за одбрана. (Фото: СДК.МК)

    За 36 часа на подрачјето на СВР Велес се регистрирани 150 сообраќајни прекршоци, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на промоцијата на системот „Безбеден град“ за Велес и Повардарието.

    „Вчера (сабота) регистрирани се 124 казни, а денес до пладне 27 казни, односно за ден и пол вкупно 151. Ова е многу помалку во споредба со бројките што ги имавме во некои претходни периоди. Велес доби и команден центар за овој систем, сместен во поранешните простории на Министерството за одбрана, кои се целосно реконструирани. Тој го покрива подрачјето на СВР Велес, односно градовите Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Најголем дел од овие 151 казна се за брзо возење, а само три-четири се за минување на црвено светло на семафор“, изјави Тошковски при посетата на Велес.

    Тој им се заблагодари на граѓаните што препознале дека системот е во нивен интерес и совесно ги почитуваат сообраќајните правила.

    „Сфативме дека имплементацијата на системот ‘Безбеден град’ е за спасување човечки животи, а не за полнење на буџетот. Граѓаните покажаа дека можат да се однесуваат европски, а притоа во пракса да ги видиме и позитивните ефекти преку намалениот број сообраќајни незгоди, наспроти негативните последици од непочитувањето на правилата и прописите“, додаде Тошковски.

    Тој илустрираше дека лани за осум месеци, заклучно со август, имало 96 жртви во сообраќајни несреќи на патиштата низ Македонија, додека годинава за истиот период се евидентирани 61 жртва.

    Министерот Тошковски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Велес, Марко Колев, претходно постави камен-темелник на подземна катна гаража во центарот на Велес. Објектот треба да обезбеди 100 паркинг-места, распоредени на три подземни нивоа до длабочина од 15 метри. Вредноста на инвестицијата изнесува 221 милион денари, обезбедени од Владата преку унгарскиот кредит.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира