ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПАТОТ КУМАНОВО-ОПАЕ, ВРЕДНА 670.000 ЕВРА

    ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПАТОТ КУМАНОВО-ОПАЕ, ВРЕДНА 670.000 ЕВРАОд Владата најавуваат дека годинава околу Куманово ќе се реконструираат и изградат 112 километри патишта (Фото: СДК.МК)

    Започна реконструкцијата на регионалниот пат Куманово-село Опае, главната артерија и многу фреквентна делница, која ги поврзува двете соседни општини Куманово и Липково во Североисточниот регион. Патот е во должина од шест километри и широк 5,5 метри, а 670.000 евра за обновата се обезбедени преку Европската банка за обнова и развој. Реконструкцијата ќе трае шест месеци.

    „Подобрувањето на инфраструктурата е голем приоритет на нашата Влада. Сакам да потенцирам дека овој кумановски регион е исклучитечно важен, бидејќи ги поврзува двата европски коридори 8 и 10. Во регионот сериозно се инвестира во инфраструктурата, околу 60 милиони евра во патишта, железници и во комунална инфраструктура“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.

    Тој потсети дека наскоро ќе започне реконструкцијата на делниците Никуштак-Куманово и Куманово-Крива Паланка, веќе се реконструира патот Куманово-Свети Николе, а заврши реконструкцијата на патот Куманово-Пелинце. До крајот на годината се очекува завршување на првата железничка делница од Куманово до Бељаковце, а на почетокот на наредната година ќе отпочне со градба втората делница, од Бељаковце до Крива Паланка.

    Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов рече дека годинава околу Куманово ќе се рехабилитираат, реконструираат и изградат 112 километри патишта, кои се изградени во времето на Тито и 30 и повеќе години не биле чепнати.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира