Под мотото „Без здравје сè е ништо! Збогум Буково“, граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ преку информативен настан на градскиот плоштад во Охрид ги запозна граѓаните со штетноста од нестандардните депонии и со проблемот на третманот и депонирањето на комуналниот отпад. Екологистите и активистите за заштита на животната средина на денешниот собир побараа од надлежните да ги отпочнат процесите за изградба на регионалната депонија во Новаци како и санација и затворање на депониите „Буково“ и „Мауцкер“.
„Проблемот е заглавен во процедури и тендери, а здравјето на граѓаните не може да чека. Сведоци сме дека отровните чадови речиси секојдневно стигнуваат и до градот, но и до Ресен. Мерните станици регистрираат огромни загадувања со ПМ10 честички, посебно во вечерните часови. Охрид и оваа зима ќе биде опасно место за живеење како резултат на загадувањето од греењето на домовите, комбинирано со загадувањето од палењето на депониите“, вели Васко Зороски од „Збогум Буково“.
Димитри Димитров, активист и вљубеник во природата, упади апел до надлежните да се реши проблемот поскоро, оти, како што рече, воздухот не бира ни политика, ни вера, ни нација.
Според Лилјана Илиеска од „Збогум Буково“, проблемот со Буково е проблем на сите нас, а граѓаните имаат законско право да бидат информирани што во моментот се работи и што во иднина ќе се преземе.
„Проблемот требаше да биде решен вчера. Роковите ги поставуваа институциите како УНЕСКО и ЕУ, но сите тие рокови се пробиени и условите не се исполнети“, вели Илиеска.
Граѓанската иницијатива „Збогум Буково” доби поддршка од над 50 организации, здруженија и месни заедници, како и од голем број граѓани.
С. ВРЕНЦОВСКА