Затворена е кујната во РЕК „Битола“ по направениот вонредниот инспекциски надзор поради сомнеж за труење на работници кои јаделе лазањи со сос. Од вчера до денес, според инфектологот во Клиничката болница, 120 вработени со здравствени тегоби се јавија за лекарска помош во болницата. Според РЕД, пријавен е 81 работник.
Од Државниот здраствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) соопштија дека при извршениот вонреден инспекциски надзор во централната кујна во РЕК биле констатирани недостатоци во одржување хигиена. Подетално, под елементите на делот на готвење имало остатоци од масни наслаги, во делот за обработка на месо пластичните даски биле со оштетена површина, во фиоките за чување инветар имало нечистотии, мискерот за месо, за кој шефот изјавил дека не се користи, бил затекнат со засушени остатоци од храна.. Во делот на миење на приборот, одводот од мијалникот не функционирал поради што била спроведена цевка до подната решетка. Исто така, во кујната во Суводол каде се транспортира и пакува зготвената храна, санитарно-хигиенската состојба не била на задоволително ниво.
Кујната беше отворена во септември 2025. Со неа стопанисува ЕСМ „Молика“. Храната се подготува во централната кујна во Термото, а во кујната во рудникот Суводол се врши само пакување на веќе приготвената храна доставена со возило за таа намена. Во рудникот Гнеотино се служи сув оброк.
Според ДЗСИ, во кујната се вработени 59 лица, од кои за 56 биле доставени санитарни книшки со навремено извршен здравствено-хигиенски преглед, а за други тројца рокот за преглед бил истечен. Од ДЗСИ соопштија дека токму на 23 и 24 март во кујната работеле вработните за кои не се доставени санитарни книшки или немаат извршено здравствено-хигиенски преглед.
Покрај затворањето, ДЗСИ наложи да се изврши генерално чистење на просторот и опремата на кујната во Термото и Суводол, вонредни дезинфекција и здравствено-хигиенски прегледи на сите вработени. Земени се вонредни брисеви од раце и нос од вработени во кујната, работни површини и апаратура, како и 9 примероци од храната. До овој момент нема првични инфрмации за резултати од земените брисеви и мостри.
Денес имаше различни податоци за бројот на вработени од РЕК со здравствени тегови кои побараа лекарска помош.
„Околу 80 вчера и уште 40-тина претпладне се јавија во Болницата. Тие се со лесна до средна клиничка слика, течни столици, повраќање, некои со температура, дехидрирани. Повеќето се следат амбулантски, некои ќе доаѓаат и 2-3 дена за инфузија и следење, еден е пратен за хоспитализација“, изјави д-р Хараламбос Сидиропулос, инфектолог во болницата.
Од РЕК денес соопштија дека на преглед се јавило 81 лице и дека уште при првите симптоми навремено биле упатени на прегледи и анализи во Клиничката болница во Битола.
До вечера од Комбинатот тврдеа дека не е масовно труење, туку дека неколкумина побарале медицинска помош во болницата во Битола, а други заминале на домашно лекување. Соопштија дека не може да се каже дали станува збор за труење со храна или за вирусна инфекција, имајќи предвид дека е период на зачестени вирусни заболувања.
Денес со соопштение велат дека раководството на РЕК „Битола“ презело превентивна мерка со затворање на мензата, сè до целосно завршување на анализите на земените мостри и утврдување на причините.
„Во однос на затворањето на кујната, станува збор за вообичаена превентивна постапка што се применува во вакви ситуации, со цел да се обезбеди заштита на здравјето на вработените додека траат испитувањата“, велат од ЕСМ и „Молика“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



