Апелациониот суд во Скопје го потврди Планот за реорганизација на „Фени индустри“ во стечај, со што „Глобал спешлс опортјунитис“ (ГСОЛ) од Бахами стана негов сопственик. За ова, преку кратко соопштение на веб страницата, информираше Основен суд Велес.
,,Решението на Основен суд Велес за одобрување на Планот за реорганизација на стечајниот должник е правосилно и претставува извршна исправа, согласно со одредбите од Законот за стечај“, се вели во соопштението.
Со ова завршува година и пол долгата стечајна постапка во „Фени“. Извршниот директор на ГСОЛ Маркос Камхис по декемвриското рочиште во Основен суд Велес кажа дека тие се еден од најголемите странски инвеститори во земјава изминатата година.
„Последните 10 месеци имаме извоз од 100 милиони долари. Најважно е стечајот да заврши и да создадеме ново друштво, нова компанија со светла иднина. Ние овој период работевме, а работниците добиваа плата“, кажа Камхис.
П. ПЕЧКОВ