Празниот простор на булеварот Илинден во Скопје, до гимназијата „Орце Николов“, ќе се уреди во зелен плоштад. На овој простор кој е државно земјиште било предвидено да се гради катна гаража, но Општина Карпош и Град Скопје одлучија просторот да го уредат во зелено катче, со реквизити за деца, клупи, маси, чешма за вода, паркинг за велосипеди и ново осветлување.
„На оваа локација каде што сме денеска, беше предвидена изградба на катна гаража, но ние успеавме да го зачуваме зеленилото. За околу еден месец, овој простор ќе биде полн со содржини кои граѓаните ги одбраа за оваа локација. За нас како Град е императив да ги зачуваме зелените површини, но и да ги облагородиме“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Уредувањето на овој простор е дел од проектот на Град Скопје и Центарот за иновации „Скопје Лаб“ за редизајнирање на јавните зелени површини на 4 локации во Скопје. Покрај на оваа локација, зелени плоштади ќе се формираат и на булеварот Јане Сандански кај слаткарницата „Палма“ на раскрсницата на булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров, и кај поликлиниката „Идадија“ во Центар.
А. АНТЕВСКА