Десетина земјоделци од тетовското село Џепчиште денеска се собраа пред зградата на Општина Тетово барајќи одговор кога ќе им бидат исплатени парите за направената штета од невремето во 2024 година. Велат дека само добиваат ветувања, но не и пари. Исто така протестираат затоа што им било речено дека наместо 35 процени од направената штета, ќе им се исплатат само 10 проценти.
„Во 2024 година Полошкото поле го зафати големо невреме и ни уништи 100 проценти од тоа што го засадивме. Беше и комисија и таа ја утврди штетата. Општина Тетово и Министерството за земјоделство требаше да ни ја надоместат штетат во висина од 35% од тоа што го утврдила комисијата. До сега ништо не ни е исплатено. Пред еден месец разбравме дека Општина Тетово ќе ни исплатела само 5%, а толку ќе исплатела и државата бидејќи немале повеќе пари. Рекоа дека во јануари ќе пуштат пари, но до денес и тоа не го направија“, изјави Муарем Исаки од село Џепчиште.
Кога се случило невремето од Владата ги советувале да ги осигурат нивите од невреме кај осигурителните друштва, но овие земјоделци велат дека ниту една осигурителна компанија не сакала да го стори тоа.
Чекајќи одговор пред општинската зграда, земјоделците добија само писмено известување од Општина Тетово од каде ги известуваат дека парите ќе ги добијат на крајот од овој месец, но не соопштуваат колкав процент ќе им биде исплатен.
„Надлежните институции ги завршија административните процедури, отворајќи го патот за извршување на исплатите. Според предвидената динамика, се очекува обештетувањето на погодените земјоделци да биде извршено до крајот на овој месец“, соопштуваат од Општина Тетово.
З.АНДОНОВ



