По речиси седум децении откако е изградена, железничката станица во Тетово доби ново руво. Таа е целосно надворешно и внатрешно реконструирана, а обновени се и пероните на станицата.
„Откако е изградена, на железничката станица само еднаш е интервенирано и тоа за поправка на покривот. Сега со реновирањето е решен долгогодишниот проблем со атмосферската канализација, целиот паркинг простор околу станицата е асфалтиран, направен е пристап за лица со посебни потреби, променет е покривот, обновени се чекалната и билетарницата и поставена е енергетски ефикасна фасада. Обновени се и станичните колосеци, а променети се и дотраените железнички прагови“, изјави Фестим Халили, директорот на ЈП за железничка инфраструктура при Железници на Република Северна Македонија.
Сега треба да се работи на зголемувањето на бројот на возови кои поминуваат низ станицата. Според сегашниот возен ред, возовите на релација Скопје-Кичево сообраќаат само двапати на ден, еднаш наутро и еднаш навечер.
Железничката станица во Тетово е пуштена во употреба на 25 мај 1952 година. На нејзината предна фасада стоеше спомен-плоча која објаснуваше дека станицата е изградена со доброволна работа на 52.000 жители од тетовскиот крај и со помош на припадниците на тогашна ЈНА. За изградбата биле дадени 996.832 работни часови, во вредност од тогашни 139.570.480 динари. Со денешната реконструкција, спомен-плочата ја снема од фасадата и не се знае каде е. Халили вели дека не знаел за ова и дека ќе испита кој ја тргнал плочата и каде завршила.
З. АНДОНОВ