ЖЕНА ЗАГИНА НА АВТОПАТОТ КУМАНОВО-ТАБАНОВЦЕ, ЈА УДРИЛА КОЛА ОТКАКО ПО СООБРАЌАЈКА ИЗЛЕГЛА ОД СВОЈОТ АВТОМОБИЛ

    ЖЕНА ЗАГИНА НА АВТОПАТОТ КУМАНОВО-ТАБАНОВЦЕ, ЈА УДРИЛА КОЛА ОТКАКО ПО СООБРАЌАЈКА ИЗЛЕГЛА ОД СВОЈОТ АВТОМОБИЛНесреќата се случи на околу два километри пред граничниот премин Табановце (Фото: СДК.МК)

    Четириест и деветгодишна жена од Куманово синоќа загина во сообраќајка на автопатот Куманово-граничен премин Табановце, во која учествувале три автомобили.

    Според СВР Куманово, во 20 часот, на околу два километри пред граничниот премин, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки управувано од Б. Т. (24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки управувано од В. П. (45) од Куманово и патничко возило „опел инсигнија“ со српски национални ознаки управувано од Ѓ. Н. (59) од Србија.

    Во несреќата починала Љ. Т. (49) од Куманово, сопатничка во „полото“, со тешки телесни повреди се здобиле В. П. и Б. Т., а со телесни повреди се здобил Ѓ. Н., констатирани во болницата во Куманово.

    Според првичните сознанија на ОЈО Куманово, прво дошло до судир помеѓу автомобилите „поло” и „голф”, кога најверојатно еден од возачите излегол на автопатот во недозволена насока.

    По тој првичен судир, патничката од кумановското возило излегла од автомобилот и во тој момент на неа налетал автомобил ‘опел инсигнија‘ со српски регистарски таблици. Од ударот жената се здобила со тешки повреди, од кои починала. Издадена е наредба за обдукција на починатата, како и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници, кои во моментов се хоспитализирани со полесни повреди. Прибрани се траги и материјални докази, кои ќе бидат предмет на вештачење, со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа“, соопшти ОЈО.

    Во српските медиуми беше објавено дека во несреќата учествувал српскиот пејач Ѓорѓе Николиќ, попознат како Ѓорѓе Давид. Тој бил примен во Кумановската болница со полесни повреди, по што бил пуштен на домашно лекување.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира