ЖИТЕЛИ НА КАРПОШ БАРААТ ЗОНСКОТО ДА БИДЕ КАКО ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР, СО ПАРКИНГ ПРЕД ЗГРАДИТЕ САМО ЗА РЕЗИДЕНТИ

    ЖИТЕЛИ НА КАРПОШ БАРААТ ЗОНСКОТО ДА БИДЕ КАКО ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР, СО ПАРКИНГ ПРЕД ЗГРАДИТЕ САМО ЗА РЕЗИДЕНТИЗонско паркирање на улицата Орце Николов во Карпош 1. (Фото: СДК.МК)

    Група граѓани на скопските населби Карпош 1 и 2 бараат зонското паркирање, кое од неодамна почна да се спроведува во нивната општина, да биде по моделот на соседната Општина Центар, со посебни паркинзи за резиденти. Граѓаните кои се обратија до нашата редакција, откако ЈП Градски паркинг почна да ги обележува паркинг местата пред нивните згради, сметаат дека со актуелното решение нема да се реши проблемот со паркирање со кој се соочуваат секојдневно.

    „Како жители на Општина Карпош се чувствуваме измамени од страна на ЈП Градски паркинг. Понуденото решение за паркирањето во општината не е прифатливо за граѓаните и истото како такво не го решава проблемот со кој се соочуваме секојдневно со просторот за паркирање. Непоставувањето на резидентни паркинг простори, односно претворањето на секоја можна површина во јавен простор за паркирање за сите од секаде, дури и пред паркинзите пред зградите и пред гаражите во Карпош кои досега се користеле главно од страна на резидентите на тие згради само го продлабочува проблемот со кој се соочуваме“, велат овие граѓани.

    Тие додаваат дека дополнителен, ако не и главен проблем, е тоа што факултетите во Карпош, како Машинскиот, Технолошкиот и ФИНКИ, својот паркинг простор во кругот на кампусот со кој располагаат, не го отвораат за возилата на нивните студенти и со тоа ја блокираат општината.

    „Како граѓани на Карпош бараме да се воведе модел на паркирање како што е моделот со паркирањето на ПОЦ, односно во општина Центар. Да се знае кое е резидентно паркиралиште на одредена зграда, а кое е паркиралиште на јавен простор за сите. Решението е веќе понудено само треба да се примени. Кога беше презентирано решението за проблемот ова решение што го зборуваме сега беше понудено и од таа причина прифативме како граѓани да се воведе зонско“, велат незадоволните граѓани.

    Месецов треба да почне наплатата за зонско паркирање во општината. Првин, зонско паркирање ќе се воведе на улицата Орце Николов и споредните улички во населбата Карпош 1, што се граничи со Општина Центар. ЈП Градски паркинг веќе ги обележа паркинг местата и поставени се табли за наплата. Паркирањето ќе чини 25 денари од час. Паркирањето за граѓаните кои живеат таму биде бесплатно за две возила.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира