ЖИТЕЛИ НА КОСОВО ПРОТЕРАНИ ОД ШАР ПЛАНИНА ОТИ НА ДИВО БЕРЕЛЕ БОРОВИНКИ ЗА ПРОДАЖБА

    ЖИТЕЛИ НА КОСОВО ПРОТЕРАНИ ОД ШАР ПЛАНИНА ОТИ НА ДИВО БЕРЕЛЕ БОРОВИНКИ ЗА ПРОДАЖБАОд Националниот парк велат дека е забрането странци да собираат плодови за комерцијална употреба, туку тоа им е дозволено само на локалното население кое живее во паркот и тоа само со посебна дозвола. (Фото: СДК.МК)

    Од Националниот парк „Шар Планина“ велат дека во последниов период добиле дојави од локалното население дека на терените на Шара доаѓаат собирачи на шумски плодови од Косово. Од Националниот парк велат дека е забрането странци да собираат плодови за комерцијална употреба, туку тоа им е дозволено само на локалното население кое живее во паркот и тоа само со посебна дозвола.

    Во овој период од годината актуелна е бербата на боровинки, но може да се најдат и шумски јагоди, малини како и повеќе видови лековити билки.

    „Согласно правилата на Јавната установа Национален парк ‘Шар Планина’, собирањето растенија и плодови од природата е дозволено само за сопствена употреба. Собирањето за комерцијална употреба е дозволено само за лицата кои живеат во Националниот парк со обезбедена дозвола за собирање. Како една од заложбите за поддршка на локалната економија, ваквите дозволи не се издаваат на собирачи од други населени места надвор од Национален парк ‘Шар Планина’, ниту пак на државјани од соседните земји. Во изминатите денови по дојава на локално население, на три различни локации, беа стопирани и истерани собирачи од соседна земја“, се вели во соопштението од Националниот парк.

    Од Национален парк подготвуваат листа на собирачи, а оние кои сакаат да се бават со собирање шумски плодови ќе бидат обучени кои растенија и плодови може да се собираат, на кој начин и на кои предели.

    Од Национален парк, исто така, велат дека е строго забрането да се пали оган на отворен простор, да не се фрлаат пластични и стаклени шишиња, да не се пали отпад и друг горлив материјал и да не се фрлаат догорчиња од цигари за да се спречи од избивање пожари.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира