Вкупно 1.200 килограми пластичен отпад се собра во акцијата што ја реализираше Општина Босилово. Секое домаќинство кое се вклучи во акцијата и депонираше најмалку 15 пластични шишиња доби овошно дрвце, што општината ги набави со средствата предвидени за репрезентативен материјал за Нова година. Градоначалникот Ристо Манчев кажа дека биле поделени 1.300 садници од јаболко, цреша, слива и праска.
„Наполнивме 12 трактори со пластични шишиња и друга пластика што се рециклира. Нашите проценки се дека собравме минимум 1.200 килгорами од сите населени места. Целта ни беше да ја намалиме количината на пластичен отпад во општината, но и да испратиме порака дека пластиката има употребна вредност“, кажа Манчев.
Собирањето пластичен отпад е дел од акцијата „Еколошка пролет во Босилово“, која ќе трае во наредните два месеца. Во рамките на оваа акција, предвидено е пролетно пошумување на Огражден со околу 1.000 садници црн бор. Тие ќе се садат кај манастирскиот комплекс кај Хамзали и околу Иловачка брана.
„Во рамките на акцијата планираме да дистрибуираме канти за отпад и да вклучиме неколку населени места во системот на организирано собирање смет. Во дел од населените места ќе поставиме и посебни контејнери за стакло, пластика и електричен отпад. Дивите депонии што се исчистија се планира да бидат ревитализирани со садници“, кажа Манчев.
Општина Босилово летово треба да добие возило за собирање отпад како донација од Јапонија. Неодамна, Манчев и јапонскиот амбасадор во земјава Хиронари Савада потпишаа договор, со кој ЈПКД „Огражден“ ќе добие возило вредно 68.000 евра.
В. ТРАЈКОВ