ЖИТЕЛИТЕ НА СЕЛО ЛУКОВИЦА 8 ДЕНА СЕ ОТСЕЧЕНИ ОД СВЕТОТ ОТИ ОПШТИНА ЖЕЛИНО НЕ САКА ДА ГО ЧИСТИ ПАТОТ ОД СНЕЖНИТЕ НАВЕВИ

    ЖИТЕЛИТЕ НА СЕЛО ЛУКОВИЦА 8 ДЕНА СЕ ОТСЕЧЕНИ ОД СВЕТОТ ОТИ ОПШТИНА ЖЕЛИНО НЕ САКА ДА ГО ЧИСТИ ПАТОТ ОД СНЕЖНИТЕ НАВЕВИЖителите апелираат за помош, бидејќи залихите со храна и лекови им се при крај, а исто така загрозени се три фарми со кози во селото. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на село Луковица во Општина Желино веќе осми ден се отсечени од светот. Снегот кој деновиве повторно наврна и силниот ветер, дополнително создадоа нови наноси од снег на места високи и преку еден метар. Луковчани повторно го обвинуваат градоначалникот на Општина Желино Блерим Сејдиу дека ништо не презема да се исчистат само 5,5 километри пат до нивното село. Апелираат за помош, бидејќи залихите со храна и лекови им се при крај, а исто така загрозени се и животните од три фарми со кози кои се наоѓаат во селото.

    „Градоначалникот на Општина Желино не сака да го исчисти патот до село Луковица. Кога падна снегот на втори февруари, патот од село Групчин до село Седларево беше исчистен, но кракот до нашето село остана неисчистен. Истото се случи и пред некој ден кога повторно заврна снег, а ветерот кој тогаш дуваше направи големи наноси снег високи над еден метар и дополнително го завеа патот. Денеска разговарав со директорот на Јавното комунлно претпријатие од Општина Желино и тој ми рече ‘ќе ја биде работата’. Контактирав и со градоначалникот, но тој ми кажа дека ништо не знаел за ова и дека ќе разговарал, па ќе прател возило. Тоа што како жители на селото најмногу нè иритира е што локалниот пат од Групчин до село Седларево досега редовно се расчистува од снегот, а нашиот дел од патот, од месноста Крстец до Луковица, досега воопшто не е исчистен“, револтирано вели Миле Сибиновски, претседател на Месната заедница на село Луковица.

    Луковица се наоѓа на повисоките предели на Сува Гора. Патот од Гупчин со село Седларево, кое се наоѓа на иста висина но од спротивната страна од планината, е асфалтиран и редовно се одржува, додека патот до Луковица, во должина од само 5,5 километри останува неисчистен и затрупан со снег. Во зима во Луковица живеат 45 лица, сите се од македонска националност, кои поради неажурноста на Општината се наоѓаат во исклучително тешка состојба.

    „Во селото нема продавница за прехранбени производи, нема ни амбуланта, па жителите што се сега во селото веќе ги користат последните залихи од храна и лекови. Пред два дена снема и струја, но дефектот брзо беше отстранет. Затоа за нас е несфатливо зошто градоначалникот воопшто не се грижи и за овие жители од неговата Општина. Деновиве направивме контакт со ЦУК и ги информиравме за тешката состојба во која се наоѓа селото. Од таму два дена се обидувале да стапат во контакт со Општината, но не успеале. Веќе не знаеме кај кого да се обратиме, дали има институција која може да му наложи на градоначалникот да ни го расчисти патот. Така сме оставени сами на себе и да чекаме да огрее сонце и да го истопи снегот за да може да се ослободи патот“, вели Сибиновски.

    Освен што е загрозен животот на жителите од селото, во многу тешка положба се наоѓаат и животните од три фарми за кози каде и за нив храната е при крај. Сибиновски вели дека порано го немале овој проблем со расчитувањето на патот, но откако во Општината повторно за градоначалник е избран Сејдиу, тој воопшто не сакал да се ангажира за расчистување на патот па се сомневаат дека тоа е поради што во селото не гласале за него на последните локални избори.

    Селото Луковица е едно од ретките, ако не и единствено село во државата до кое не води асфалтиран пат. Тоа е желба на жителите на селото која со години останува неостварена. Тие минатата година со свои пари платиле да се изготви градежен елаборат за патот и се надеваат дека годинава Општината конечно ќе почне со асфалтирање на преостанатите 5,5 километри до селото.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира