ЖИТЕЛИТЕ НА ШУТО ОРИЗАРИ НЕ МОЖЕ ДА СТИГНАТ ДО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ, ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ВОЗАТ САМО НАУТРО

    ЖИТЕЛИТЕ НА ШУТО ОРИЗАРИ НЕ МОЖЕ ДА СТИГНАТ ДО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ, ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ВОЗАТ САМО НАУТРОПриватните превозници велат дека мора да возат редуцирано бидејќи немаат пари да стават гориво оти ЈСП им должи 1,5 милиони евра.(Фото: К. Попов)

    Приватните превозници од денеска возат само наутро од 5 до 10 часот, оти ЈСП „Скопје“ не им го плаќа долгот. Со тоа, голем дел од Скопје односно приградските населби се отсечени од градот, бидејќи автобуси нема. Жители од Општина Шуто Оризари велат дека денеска не можеле да стигнат на работа.

    „Автобуси немаше, кога ќе дојде еден е преполн и не можеме да влеземе. Возачите не застануваат на сите автобуски станици. Таксистите нѐ уценуваат и ни бараат 500 денари за до центар“, велат жители од Шуто Оризари кои се јавија во нашата редакција.

    Приватните превозници велат дека мора да возат редуцирано, бидејќи немаат пари да стават гориво оти ЈСП им должи 1,5 милиони евра.

    „И покрај нашите апели до ЈСП нема никаков одговор ниту најава дека долгот ќе се подмири. Нема друг начин како да возиме. Решивме да има автобуси само наутро за да можат граѓаните да стигнат на работа, повеќе не можеме. Со кои пари да ставиме гориво кога последната исплата ни е за март, а сега сме октомври?“, велат од приватните превозници.

    Јавниот превоз во Скопје од доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска е во целосен хаос. Пред две и пол години приватните превозници престанаа да возат поради градскиот долг кон нив. Тогаш Арсовска ги раскина договорите со нив и склучи со нови превозници. Но, и тие постојано обвинуваат дека ЈСП „Скопје“ и Градот не им плаќаат според договорот и дека постојано им должат пари и не можат нормално да работат.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира