ЖИТЕЛИТЕ НА ВЕЛЕШКИТЕ НАСЕЛБИ РЕЧАНИ И ДОЛНИ ДУЌАНИ БАРААТ ТРОТОАР ЗА БЕЗБЕДНО ДА СТИГНАТ ДО ДОМА

    ЖИТЕЛИТЕ НА ВЕЛЕШКИТЕ НАСЕЛБИ РЕЧАНИ И ДОЛНИ ДУЌАНИ БАРААТ ТРОТОАР ЗА БЕЗБЕДНО ДА СТИГНАТ ДО ДОМАПроблемот е во тоа што патот и во Речани и кон Долни Дуќани е дел од регионален пат, каде локалната власт нема ингеренции за градба. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на населбите Речани и Долни Дуќани во Велес бараат изградба на тротоар. Тие и нивните деца со децении мора да одат по необезбеден пат до училиште и до град. Го актуализираа проблемот со секој нов градоначалник и секогаш добиваа ист одговор.

    И двете населби се на приоди во градот, од различни правци – Градско и Скопје. Проблемот е во тоа што патот и во Речани и кон Долни Дуќани е дел од регионален пат, каде локалната власт нема ингеренции за градба.

    „Наспроти тоа, факт е дека и патот за Превалец е регионален, но таму во 2016 беше изграден тротоар од населбата Тунел до населбата Превалец, во должина од 650 метри и во широчина од 1,50 м. Кога таму можеше, зошто да не може кај нас? Низ населба Речани се вози како на патека за Ф1“, велат жителите од овие две населби.

    Градоначалникот Марко Колев вели дека работи да се надмине овој проблем, кој засегнува неколку илјади жители на градот.

    „Писмено се обратив до ЈП Државни патишта, за тоа како и под кои услови да проектираме и изведеме на овие две локации тротоар. Одговор немам добиено досега. На мое барање дојдоа во Велес нивни претставници лично да се уверат и за тротоар и за други тековни локални проблеми“, рече Колев.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира