ЖИТЕЛИТЕ ОД ВЕЛМЕЈ, БРЕЖАНИ И ЛЕШАНИ, ГЛАВНО СТАРИ И ИЗНЕМОШТЕНИ, 10 ДЕНА СЕ БЕЗ СИГНАЛ ЗА ТЕЛЕФОН И ТЕЛЕВИЗИЈА, ВЕЛАТ НЕМА КАКО ДА ВИКНАТ БРЗА ПОМОШ ИЛИ ПОЖАРНА

    ЖИТЕЛИТЕ ОД ВЕЛМЕЈ, БРЕЖАНИ И ЛЕШАНИ, ГЛАВНО СТАРИ И ИЗНЕМОШТЕНИ, 10 ДЕНА СЕ БЕЗ СИГНАЛ ЗА ТЕЛЕФОН И ТЕЛЕВИЗИЈА, ВЕЛАТ НЕМА КАКО ДА ВИКНАТ БРЗА ПОМОШ ИЛИ ПОЖАРНАОд оператортите А1 и Телеком ни одговорија дека во селата Велмеј, Брежани и Лешани, има прекин на електрично напојување и дека работат на решение. (Фото: Википедија)

    Жителите на населените места Велмеј, Брежани и Лешани во Општина Дебарца веќе 10 дена се без сигнал за мобилна телефонија и интернет од двата оператори, А1 и Телеком, а претплатниците на Телеком немаат ниту телевизиски сигнал. На 6 октомври дошло до неколкукратен прекин на електрична енергиј,  по што настанал проблемот во овие села со главно стари и изнемоштени жители.

    Жителите велат дека иако е реагирано до операторите А1, Телеком, компанијата ЕВН како и до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), проблемот досега не е решен. Никој не дошол да го утврди и санира проблемот поради кој се отсечени од светот.

    „Оваа состојба е животозагрозувачка и особено тешка, бидејќи во наведеното подрачје живеат претежно стари и изнемоштени лица. Отсуството на основни комуникациски средства го отежнува нивниот секојдневен живот, оневозможува комуникација со нивните семејства и што е најважно, ги спречува да повикаат итна помош во случај на здравствена или друга опасност“, вели Драге Голабоски од Велмеј, село со 250 жители, а најстариот има 92 години.

    За среќа, вели тој, досега немало потреба од брза интервенција која ќе значи спасување живот.

    „За да оствариме контакт по мобилен одиме по два километри“, кажа Голабоски кој и денеска пешачеше за да ни раскаже дека револтот од ден на ден е сѐ поголем, а младите веќе размислувале да се иселат оти, според нив, во 21. век недозволиво е некој да ти го скрати основното право на комуникација.

    „Кој ќе ја сноси одговорноста поради вашата неодговорност доколку некој човек умре оти нема начин да побара помош поради немање на покриеност на мрежа? Не дај боже да ни треба Брза помош или пожарна“, велат жителите.

    Од операторите А1 и Телеком ни одговорија дека во селата Велмеј, Брежани и Лешани, има прекин на електрично напојување каде што им се наоѓа опремата.

    „Во моментот работиме на алтернативно напојување преку агрегати, со цел да обезбедиме барем минимална функционалност на мрежата и да ги ублажиме последиците од настанатата состојба. Се очекува нормалното напојување со електрична енергија да биде повторно воспоставено во најкус можен рок, по што ќе се стабилизира и сигналот за мобилна телефонија и интернет“, ни одговорија на А1.

    „Работиме на поставување агрегатско напојување и решение на прекинот во најбрз можен рок“, велат од Телеком.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира