Вчера на улиците низ Скопје немаше знамиња оти 1 Мај не е државен празник, велат од Град Скопје. Од Градот денеска реагираа на текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК „Данела заборави да стави знамиња низ улиците за 1 Мај“ велејќи дека согласно програмата, знамиња се поставуваат само на државни празници.
„Согласно Законот за државни празници на Република Северна Македонија и измената на тој закон од 2007 година, таксативно се наведени датумите за државни празници, во кои 1 Мај како Ден на трудот не е наведен како државен празник. Согласно со тоа, направена е промена и на програмата на Град Скопје за знамиња по повод државни празници, каде што се наведени датумите, обемот и динамиката на поставување на знамињата“, велат од Град Скопје.
За разлика од Град Скопје, Општина Охрид постави знамиња низ улиците за одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот. Низ Охрид беше поставено македонско знаме и знамето на Општината.
Во Тетово знамињата, македонското, албанското и општинското се веат уште од Бајрам и воопшто не се симнати.
А. АНТЕВСКА