Претседавачот на Советот на Општина Велес, актерот Зоран Љутков, си даде оставка на оваа функција бидејќи е предложен за министер за култура од мандатарот Христијан Мицкоски. Собраниската седница за избор на нова влада е закажана за 22 јуни.
За нов претседавач на Советот на Општина Велес беше избран Даниел Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој доби 12 гласа, додека противкандидати му беа Тодор Јаковлев од СДСМ и Маргица Урумова од Левица.
„Оставката ја поднесувам од лични и од идни причини. Сакам да се заблагодарам на сите за досегашната соработка. Мислам дека имавме одлични 50 седници на Советот. Се надевам дека ги исполнив вашите очекувања, се трудев да бидам максимално коректен кон сите, да ве испочитувам. Простете за некои грешки што сум ги направил како претседател на Советот. Едно е јасно, дека досега не сум го прекршил Законот, ниту Деловникот, оти кога сум имал сомнение сум се консултирал, а за сите пријави кои беа пуштени за некое наводно кршење на Законот или Деловникот инспекциите констатирале дека не е така, туку дека сум ги почитувал и Законот и Деловникот“, кажа Љутков.
Тој се премести во клупите на советниците и учествуваше во работа на 51. седница на Советот. Ако биде избран за министер за култура, тој ќе поднесе оставка и на советничкото место, по што ќе биде пополнето со следниот од листата на коалиција на ВМРО-ДПМНЕ.
За соработката со него се заблагодари градоначалникот Марко Колев.
„Оваа соработка треба да биде пракса како еден градоначалник и еден претседател на Совет треба да функционираат и во иднина. Во изминатите две и пол години сме немале ниту еден проблем, сме ги решавале на маса. Немало спорна точка на дневен ред, заеднички настапувавме, лобираме во интерес на граѓаните. Таква соработка секој би посакал“, кажа Колев.
Благодарност изрази и координаторката на советничка група на СДСМ Пандорка Прличкова.
„Имавме и убави и помалку убави моменти во изминатиот период, секогаш во рамките на нормалата. Ви посакуваме успешна кариера натаму во животот. Ви благодариме за сѐ“, кажа Прличкова.
П. ПЕЧКОВ