ЗРАЧНАТА ТЕРАПИЈА ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ БИДЕ НА БРЗА ТРАКА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ АЛИУ, СПЕЦИЈАЛИСТИ ОД ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО ДОАЃААТ ДА РАБОТАТ ВО БОЛНИЦАТА

    ЗРАЧНАТА ТЕРАПИЈА ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ БИДЕ НА БРЗА ТРАКА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ АЛИУ, СПЕЦИЈАЛИСТИ ОД ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО ДОАЃААТ ДА РАБОТАТ ВО БОЛНИЦАТАМинистерот Алиу со директорката на Клиничката болница во Битола, д-р Ненси Лозанче. (Фото: СДК.МК)

    Не само што онколошките пациенти во Битола може да очекуваат дека ќе добијат зрачна терапија во Битола, туку тоа ќе биде на брза трака, рече министерот за здравство Азир Алиу при денешната посета на битолската Клиничка болница. Тој додаде дека приоритетни им се вложувањата во Центарот за онкологија со цел пациентите болни од рак да не патуваат до Скопје, туку и хемотерапијата и зрачната да ја примаат во Битола.

    „Болницата има еден од инфраструктурно најдобро опремените центри за онкологија и радиотерапија. Недостига уште еден ЦТ симулатор кој треба задолжително да се набави за да може тој систем да проработи. Исто, кадровски треба да се доекипира Центарот. Се договоривме, од понеделник да се направи акциски план за тројца техничари и физичар да добијат обуки во Скопје. Исто така ЦТ симулаторот помина на Влада, поради локалните избори, законот не доволуваше да се спроведат таков тип активности. Се надевем дека од наредната недела ќе имаме слобода да се отворат тие тендерски постапки за набавака на опрема“, рече Алиу.

    За првпат зрачна терапија во Битола беше најавена уште во 2013, кога се изгради бункерот, а се набави и акцелераторот. Потоа се чекаше негово монтирање, комисионирање и набавка на симулатор. За тоа време пациентите од Југозападна Македонинија на зрачење патуваат во Скопје, а прегледите и хемотерапиите ги примаат во Битола, каде лекарскиот тим годинава е засилен со специјалисти од Скопје.

    Директорката на Болницата, д-р Ненси Лозанче рече дека потребите на установата се големи, а периодот за да се подобрат состојбите ќе биде подолг со оглед на тоа дека долго време наназад не само што не е вложувано во нова опрема и човечки ресурси, дури и она што постоело не било одржувано.

    „Правиме напори да ја подобриме состојбата со човечки ресурси. Вработувањето на млади лекари во блиска иднина не ја подобрува состојбата, зашто долги се специјализациите, а и како доктори ги немаме во Болницата. Се прават напори да се заинтересираат завршени специјалисти. Веќе имаме четворица готови специјалисти кои дојдоа да работат во Клиничка болница Битола, од приватно здравство., на што сум искрено горда. Имаме најава за ушпте еден специјалист хирург од приватна болница кој сака да се вработи во Клиничката болница, се надевам дека со текот на времето ќе се зголемува и нивниот број“, рече Лозанче.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира