Активностите од грчката страна за изградба на граничниот премин Маркова Нога-Лемос во Преспа се планира да се завршат до февруари 2028. Сепак, ќе видиме како ќе напредува тоа, ова е Балкан, рече евроамбасадорот Михаилс Рокас при денешната посета на македонската страна на границата.
Рокас, заедно со високи државни функционери и претставници на Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), ја посетија Преспа по повод Светскиот ден на животната средина. Тиеизвршија и увид врз градежните работи за реконструкција и пуштање во употреба на преминот кај Маркова Нога на македонскиот дел од границата.

Од она што го видовме на терен, таму и денес се работеше, но од грчка страна уште нема градежни зафати. Во април годинава, во Грција беше потпишан договорот со изведувачот што значи дека градежните работи допрва ќе следуваат. (Фото: СДК.МК)
Беше истакнато дека од македонската страна веќе се готови 60 проценти од преминот.
Од она што го видовме на терен, таму и денес се работеше, но од грчка страна уште нема градежни зафати. Во април годинава, во Грција беше потпишан договорот со изведувачот што значи дека градежните работи допрва ќе следуваат.
„Овој регион е многу важен за двете земји, ќе придонесе кон меѓусебна соработка на двете страни, економска размена, кон раздвижување на регионот. Полициските служби имаат соработка и тие би требало да ги надгледуваат работите и да следат како тече процесот“, рече Рокас.
Преминот Маркова Нога-Лемос е затворен 59 години, а според најавите во 2025, интензивно требаше се обновува во следните 16 месеци и треба да биде готов до 2027. Средствата во износ околу од 14 милиони евра за целиот проект се дел од пошироката програма „ЕУ за Преспа“, обезбедени преку Европската унија (ЕУ), а спроведувањето се одвива преку УНДП, во партнерство со национални и локални чинители.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ова го нарече стратешки проект, а соседна Грција пријателска држава.
„Преспа заслужува максимум да вклучиме сè во рамки на капацитетите што ги имаме. Ова е стратешки проект кој ќе даде додадена вредност од повеќе аспекти не само за Преспа, туку и за нашите две пријателски држави“, изјави Тошковски.
Македонскиот дел од границата се очекува да биде готов за помалку од 4 месеци.
„Целиот проект ќе заврши до септември оваа година. Ова го започнавме пред 2 години и сега заклучуваме дека работите се привршуваат”, рече Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП преку која се спроведува проектот.
Зоран Трајчевски, проектен менаџер во УНДП, рече дека во напредна фаза е изградбата на зградата за Царинската управа. Преминот ќе има сообраќајница во должина од 350 метри со 4 коловозни ленти, по две во правец, а поставена е и потребната инфраструктура.
Откако ќе заврши изградбата на премините од двете страни на границата, ќе следуваат други пропратни аспекти за поврзување.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
„Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.



