Фудбалските навивачи кои пристигнуваат во Париз за денешното отворање на Европското првенство може да се сопнат на несобраното ѓубре на тротоарите поради штрајкот на комуналните работници. А може и воопшто да не стигнат во Париз, бидејќи многу возови се откажани поради штрајкот на железницата.
Околу два и пол милиони навивачи се очекуваат да дојдат во десетте града домаќини на Европското првенство, коешто ќе трае еден месец, но организаторите се плашат дека бројните штрајкови, како оние на пилотите на „Ер Франс“ и на енергетските работници, можат да го нарушат текот на шампионатот.
Францускиот претседател Франсоа Оланд и владата соопштија дека ќе ги преземат сите мерки за нормално функционирање на првенството, вклучувајќи ги и редовните железнички линии. Министерот за транспорт Ален Видал изјави дека владата ќе ја повика и армијата, ако е неопходно.
Во Париз, штрајкот на комуналните работници зафаќа половина од 20-те административни едници. Сен Етјен, друг град домаќин, исто така, е погоден од штрајк на комуналните работници. Низ Франција има и други штрајкови, коишто најверојатно нема да бидат забележани од навивачите, како протестите на енергетски работници и штрајкот на рафинериите.
Сепак, проблем може да биде штрајкот на метеоролозите, најавен за следната недела, па навивачите ќе мораат да се снаоѓаат за информации околу временската прогноза за време на натпреварите.
Европското првенство почнува вечерва со натпреварот помеѓу Франција и Романија, закажан за 21 часот.