Претставниците на локалните и државни институции од Куманово не се заинтересирани за соработката со Народниот правобранител и невладините организации. Тоа се покажа и на денешната презентација на „Омбудсманот – меѓу граѓаните и институциите“, што ја организираше НВО Инфоцентарот и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, а немаше ниту еден претставник од администрацијата.
„Она што загрижува е отсуството на државните институции од локалната самоуправа, од МВР, центрите за труд и социјала и сите други претставници на извршната власт и на администрацијата. Тоа само зборува од една страна дека тие не се заинтересирани за комуникација и соработка со граѓанскиот сектор, но и со Народниот правобранител, и тој игнорантски однос не смее да продолжи“, рече Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентар.
Таа нагласи дека институциите треба да сфатат оти постојат поради граѓаните и дека функционираат единствено за граѓаните, па се надева дека во наредниот период тоа ќе биде надминато и дека тие ќе бидат многу поодговорни во однос на укажувањата на Народниот правобранител и во однос на правата на грѓаните.
„Никој не го сака тој што го критикува. Така беше последните години. Поради финасиски проблеми моравме да ги напуштиме канцелариите во кои бевме, сега работиме во неадекватни услови. Во последно време се менува климата и граѓаните се повеќе ги пријавуваат апсурдните ситуации во институциите“, рече Насер Весели, заменик Народен правобранител во Регионалната канцеларија во Куманово.
Од почетокот на годината во Регионалната канцеларија во Куманово поднесени се околу 270 преставки, приближно исто колку што имало и минатата година. Главно станува збор за поплаки во однос на судските пресуди, МВР, радиодифузната такса, социјална помош и друго.
С. НИКОЛИЌ