Народниот правобранител ја осуди постапката на Министерството за образование кое што со допис му дозволило на директорот на охридското основно училиште „Братство и Единство“ да им забрани посетување на настава на ученички заради носење на шамија и побара веднаш да им се овозможи следење на наставата, соопштија од Канцеларијата на Народниот правобранител.
„Уставот на Република Македонија и Европската конвенција за човекови права, предвидуваат и дозволуваат слобода на вероисповед и слобода на изразување на религијата, а според Конвенцијата за правата на детето, слободата на манифестирање на вероисповедта може да потпаѓа само под ограничувања предвидени со закон, а вакви ограничувања не се предвидени со Законот за основно образование и со останатите позитивни законски прописи“, се вели во соопштението и се укажува на потребата за доследно почитување на законите и задолжителна примена на погоренаведените ратификувани меѓународни акти, како составен дел од нашиот правен поредок.