СТАНАА ПРАВОСИЛНИ РЕШЕНИЈАТА ЗА ТУЖБИ ЗА НЕПЛАТЕНИ СМЕТКИ ШТО СО ГОДИНИ СЕ КРИЕЈА ВО СТРУМИЧКИОТ СУД, НЕМА ОДГОВОРНОСТ ЗА НЕМАРНОСТА

СТАНАА ПРАВОСИЛНИ РЕШЕНИЈАТА ЗА ТУЖБИ ЗА НЕПЛАТЕНИ СМЕТКИ ШТО СО ГОДИНИ СЕ КРИЕЈА ВО СТРУМИЧКИОТ СУД, НЕМА ОДГОВОРНОСТ ЗА НЕМАРНОСТАСтанува збор за 2.347 платни налози кои биле издадени од судиите од 2005 до 2011, но не станале правосилни поради тоа што не им биле доставени на должниците кои имале право на приговор, а не реагирале ниту доверителите, па должниците сега ќе мора да плаќаат огромни камати (Фото: СДК.МК)

Струмичкиот суд постапил речиси по сите решенија со платни налози кон граѓаните за неплатени сметки во периодот од 2005 до 2011 година, откако реагираше Народниот правобранител Иџет Мемети дека судот навремено не ги доставил решенијата до должниците па сега ќе мора да плаќаат огромни камати. Станува збор за 2.347 платни налози кои биле издадени тој период од судиите, но не станале правосилни поради тоа што не им биле доставени на должниците кои имале право на приговор, а не реагирале ниту доверителите.

Како што кажаа од судот, затаила доставата и вработените во писарницата кои не сигнализирале до судиите дека не се испорачуваат и се трупаат решенијата со платните налози до должниците. Но имало и случаи кога се испраќале, ама должниците не биле најдени на наведената адреса. Не прецизираа дали некој ќе одговара, бидејки граѓаните должници сега мора да плаќаат натрупани камати.

Портпаролката на струмичкиот суд Цона Каламерникова ни изјави дека сите овие предмети пронајдени од новата претседателка на судот Марина Абрашева во март минатата година, веднаш биле распоредени по судиите на струмичкиот суд, со исклучок на кривичарите, и по нив е постапено. Останале уште 20 нерешени тужбени барања.

„Заклучно со март оваа година, останаа 138 предмети како неправосилни. Од тие 138 предмети, 118 се во прекин поради смрт на должниците а 20 уште се во постапка бидејки доставата уште не може да ги најде должниците кои не се во Македонија. Откако се активираа предметите, 102 граѓани поднеле приговори при што само 20 решенија станале правосилни, а во останатите случаи должниците биле целосно или делумно ослободени“, информираше Цона Каламерникова.

„Она што треба да загрижува е фактот што ниедна од надлежните институции, пред сè Судскиот совет на Македонија не ја забележал оваа појава, иако станува збор за долг временски период и за голем број предмети“, рече Омбдусманот Мемети пред два месецa

На прашањето што со останатите 2.200 налози ако 138 уште се во процес, а за други 102 случаи должниците поднеле приговор, од судот велат дека тие станале правосилни.

„Сите тие 2.200 налози сега се правосилни и должниците доколку не платат во рок од осум дена, доверителите можат сумите да си ги наплатат по присилен пат преку извршител. Колку од нив доброволно си платиле и дали и колку извршни постапки има заведено, треба да се обратите за информација до доверителите или извршителите“, ни одговори Каламерникова.

Станува збор за платни налози издадени по предлози од некогашното ЕСМ, мобилни оператори, шумското стопанство и други фирми, по основ на неплатени сметки. Нив ги откриле лани во март откако граѓаните побарале помош до Народниот правобранител зашто после десетина години добиваат решенија со платни налози.

„Она што треба да загрижува е фактот што ниедна од надлежните институции, пред сè Судскиот совет на Македонија не ја забележал оваа појава, иако станува збор за долг временски период и за голем број предмети“, рече Омбдусманот Мемети пред два месецa.

Во одговорот до него, новата претседателка на струмичкиот суд Марина Абрашева напишала дека проблемот настанал во писарницата која не ги информирала судиите дека има проблеми со доставата, поради што останале решенијата со издадени платни налози како неправосилни, што од судиите кои уште работат во граѓанскиот оддел, така и од тројца пензионирани и еден разрешен судија.

Причините за ваквата состојба но и за одговорноста требало бара во организирањето на работата во Основниот суд Струмица во периодот кога платните налози биле издавани, навела Абрашева до Омбудсманот.

В. ТРАЈКОВ

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира