ЖИТЕЛИТЕ ОД ПЕЛАГОНИЈА КАЈ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НАЈЧЕСТО СЕ ЖАЛЕЛЕ НА СУДОТ, РАБОТНИТЕ ОДНОСИ И ГРАДЕЖНАТА ИНСПЕКЦИЈА

    ЖИТЕЛИТЕ ОД ПЕЛАГОНИЈА КАЈ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НАЈЧЕСТО СЕ ЖАЛЕЛЕ НА СУДОТ, РАБОТНИТЕ ОДНОСИ И ГРАДЕЖНАТА ИНСПЕКЦИЈАНародниот правобранител Иџет Мемети вели дека годишно примаат до 4.000 поплаки од граѓаните (Фото: СДК.МК)

    Битола е трет град по бројот на претставки поднесени од граѓаните до Регионалната канцеларија на Народниот правобранител, зад Скопје и Тетово. Лани, од 15 општини од Југозападниот регион имало 367 предмети, од кои постапката е во завршна фаза за уште три предмети, беше кажано на денешната јавна дебата со Народниот правобранител Иџет Мемети во Битола.

    Жителите од Југозападниот регион најмногу се жалеле на правосудството, особено на долги судски постапки, потоа за проблеми во работните односи, урбанизмот и во градежништвото.

    „Минатата година зачестени беа претставките за работните односи. Речиси сите се однесуваа на основни и средни училишта, градинки и на локални претпријатија, и тоа за непродолжување на договори за работа склучени на определено време, постапки за вработување, избор на кандидати и друго. И покрај констатираното дека во овие постапки не е повреден законот, кај подносителите остана впечатокот дека решенијата биле политички мотивирани“, рече Лилјана Илиевска од Регионалната канцеларија на Народниот правобранител во Битола.

    Таа посочи дека по претставките од градежната сфера се случувало градежните инспектори да не постапуваат по барањата на Народниот правобранител во потребниот рок.

    За соработката со органите на централната власт рече дека е исклучително подобрена, а кај локалните власти има основ за уште работа и зголемување на меѓусебната доверба.

    „Органите на централната власт секогаш одговараат на барањето на Народниот правобранител во дадениот рок и секогаш ја доставуваат целосната писмена информација што се бара од нив. Од друга страна, општинските администрации, училиштата и јавните претпријатија ретко ја доставуваат бараната писмена информација, таа е нецелосна и речиси секогаш забораваат да ги приложат бараните докази. Тоа го прават по доставување на урганции“, додаде Илиевска.

    Народниот правобранител Иџет Мемети рече дека на централно ниво, во 2017 година бројот на жалби од граѓаните бил намален поради големите очекувања од промената на власта, а сега бројот веќе расте.

    „Годишно примаме од 3.000 до 4.000 жалби од граѓаните, од кои до 1.200 случаи констатираме повреда. Упатуваме наши препораки и сугестии и бараме правото што им е повредено да се санира. На централно ниво, во 80 проценти успеваме во тоа“, рече Мемети.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари