2005 – ВО СЕКОЈ ОД НИВ СЕ КРИЕ ПО ЕДЕН ЉУБЧО

    5 февруари
    Чешката државна електрокомпанија сака да го купи нашето електростопанство. ЕСМ се продава затоа што велат дека државата е лош газда. Ако државата е лош газда, зошто тогаш чешката држава би била добар газда? Наравоучение: Не менувајте го креветот. Сменете ја курвата.

    12 март
    Утре ќе одам да гласам. Ќе излезам од влезот на зградата и веднаш ќе зацапам во кал. Живеам во Центар, ама немам свој плоштад, па секој ден одам со калливи чевли на работа. Ќе се пробијам некако провирајќи се меѓу паркираните коли и ќе му се заблагодарам на Господ дека и минатата ноќ немало пожар во зградата, оти ако имало, противпожарните возила не ќе можеа да се пробијат на претрупаниот паркинг. Патем успешно ќе ги избегнам мачките што скокаат од отворените смрдливи контејнери. Кога ќе стигнам до зградата каде што е избирачкото место, ќе си го затнам носот додека минувам покрај тоалетите. Во тоа училиште секој ден учат нашите деца. Таму ќе ми го испрскаат прстот со спреј и ќе ми го скенираат оти “мојот глас бил мое право”. Пред еден месец дадовме некои прашалници во Брисел и се испофаливме дека сме биле поблиску до ЕУ. Е колку сме блиску кога уште на гласање одиме со бележани палци. А ДИК на телевизија нî учи “на гласање да не носиме оружје”. И претставникот на ЕУ Михаел Салин пет пати очајнички замоли: “Ве молам, немојте да пукате, немојте, немојте, немојте…”.

    9 април
    Бугарија и официјално најави дека ќе мора да ни воведе визи. Дипломатската офанзива што ја најави министерката за надворешни работи Илинка Митрева пред неколку месеци е во полн ек. Немало да ни воведат визи веднаш туку дури на 1 јануари 2007 година. Замислете уште две лета ќе можеме преку Бугарија да одиме за Турција. Ама Бугарите не попуштаат. На македонската дипломатска офанзива тие одговараат со дипломатска контраофанзива. Одбиваат да воведат визи и се надеваат дека кај нас ќе се случи чудо, па не ќе мораат да ги воведуваат. Па уште и ни се извинуваат. Тие мислеле да фатат чекор со нас, ама отидоа подалеку. Се сеќавате на вицовите за “две червени”, и за времето кога првите сексуални искуства ние, капиталистите на Тито, ги купувавме со “чорапогашти”, д’вки и д’нки на плажите на Црното Море. Тоа не е толку далечно време. Бранковата генерација сигурно се сеќава, оти таа играше мајтап со источниот сосед. А и Бранко до 1998 година секогаш кога требаше да нî исплаши, ни се закануваше: “Гледате, ќе станеме како Бугарија!”.

    30 април
    Во зградата на Европската комисија во Брисел имало две сауни. Тие биле направени во времето кога Шведска и Финска станале членки на ЕУ. Сакале комесарите од овие две земји да се чувствуваат како дома. Што ќе направат Европејците кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, за да с е чувствуваат и нашите претставници во Брисел како дома? Ќе стават еден преполн отворен контејнер со ѓубре и ќе вработат некој што редовно ќе плука во лифтовите.

    28 мај
    Сложни попови и во петок мрсат. Пратениците не можат да постигнат консензус за ништо. Ама за да си ги подигнат платите, може. Оти им биле мали. И затоа биле подложни на мито и корупција. Што значи тоа. Дека до сега краделе, ама сега веќе нема? Или сега им расте процентот. Ако чесноста е правопропорционална со парите, тоа значи дека богатите се чесни и не се корумпирани, а сиромашните се нечесни и подложни на корупција. Значи, најкорумпирани во македонската држава се невработените. А нешто помалку корумпирани пензионерите. Внимавајте. Кога ќе ги давате децата на чување кај бабите, дајте им и мито. Бабите спаѓаат во високоризич на категорија на корумпирани граѓани.

    4 јуни
    Цела Европа се потресе од негативниот исход на референдумите за Уставот на ЕУ во Франција и Белгија. Само ние се надеваме дека тоа нема да го попречи нашето влегување во ЕУ. А и да не нî примат, ќе си имаме изговор. Пак некој друг ќе биде виновен, а не ние. Евроинтеграцијата на Македонија ја закочија Франција и Холандија. Додека Македонија влезе во ЕУ, другите ќе излезат. Што мислат тие од Холандија и Франција? Дека така лесно се излегува од ЕУ? Сами си ја направија, сега нека си седат таму. Македонија ќе поставува услови за излез од ЕУ. Ако сакаат да бидат во наше друштво, мора да ги достигнат нашите стандарди. Како што тргнале немаат шанси. Згрешија уште на почетокот. Излегоа масовно на референдум, а ние баравме масовно да не се излегува на референдум. Патот до излез од ЕУ е тежок и долготраен процес. Како што ние потпишувавме Спогодба со ЕУ за асоцијација и стабилизација, сега Франција и Холандија прво мора со нас да потпишат спогодба за раздружување и дестабилизација. По тој прв чекор, ќе треба да помине време за да испитаме дали Франција и Холандија се доволно зрели за да можеме да им испратиме прашалници. Рада ќе им испрати 3.000 прашања, а Илинка дополнителни 180. За инает. Со душа го чекам Ширак како долетува во Македонија со пет-шест кутии полни со одговори за излез од ЕУ. И како Бучко на прес конференција му одговара дека, кај и да е, до крајот на годината нашите експерти можеби и ќе ги отворат кутиите. Дури после ќе одлучиме дали и кога Франција и Холандија ќе ги почнат преговорите со Македонија за излез од ЕУ. Оти достигнувањата на секоја држава ќе се разгледуваат поединечно. И тој процес може да трае долго, оти не зависи од нас туку од нивните реформи.

    2 јули
    Кога Љубчо како премиер ја договори со Грците продажбата на рафинеријата “Окта” со непосредна спогодба, Владо Бучковски беше портпарол на СДСМ. Бучко тогаш многу зборуваше. Кога Бранко како премиер ја договори со Коч цената за локацијата на Рамстор, Бучковски немаше ништо против. Не зборуваш е ништо. Што би рекол портпаролот Бучковски, ако сега Љубчо е премиер и ако тој, наместо него, со непосредна спогодба, договара локации за бензински пумпи со “Лукоил”, продава земјиште за супермаркети на “Туш” и мали хидроцентрали со Словенците? Во секој од нив се крие по еден Љубчо.

    9 јули
    Бранко даде ултиматум Кондово да се реши до 15 јули. Ако не, ќе го свикал Советот за безбедност. И ќе барал да му се реферира. Е баш му се стресоа гаќите на Агим Красниќи. Само не знаеме дали повеќе се плаши од Советот или од од реферирањето. Сериозна работа е кога претседателот ќе се закани со седница на Советот. Јак фактор вози трактор. Кога Бранко го бранеше концептот на територијалната поделба, го прашавме дали ќе оди во Кондово. Тој се пофали дека ќе оди. Еве, нека не оди сам. Нека ги земе и членовите на Советот со себе. Нека си ги повика и Солана и Робертсон да му го олеснат патот. До таму можат да стигнат дури и со градски автобус оти Кондово веќе им е во Скопје. Тоа им беше сон. Агим Красниќи ги чека.

    23 јули
    На ум ми дојде еден познат виц од времето на Бугарија со Тодор Живков. Љубовницата му барала прво хулахопки, па бунда и на крај пасоши за сите Бугари. Во македонска варијанта Илинка му побарала на Бранко да ѝ исполни три желби. Првата ѝ била да биде носител на пратеничка група за Тетовско. Бранко ѝ рекол: “Нема проблем” и би Илинка пратеник. Втората желба на Илинка ѝ била да биде министерка за надворешни работи. Бранко ѝ рекол: “Нема проблем” и стана Илинка министерка. Му дошла Илинка на Бранко со трета желба. Му рекла: “Сакам сите Македонци да патуваат без визи, па ако може да фатам уште една пеколна дипломатска офанзива”. Бранко ѝ намигнал: “Итра си како лисица, Илинке. Сакаш сами да останеме, а?”. 10 септември Што правиме со Претседателот? Го нема, го нема, па ќе даде некоја изјава за Кондово и за Красниќи. Тоа многу го вознемирувало. И бил загрижен. Ако Бранко е вознемирен, што има и мене да ме вознемирува по телевизии и весници. Како да му помогнам? Тој е претседател, а не јас. Ако како претседател не може да го реши проблемот, нека се напие апче, како што пиеме сите ние кога тие нî вознемируваат. Излегува дека најважен е тој што јавно ќе каже дека е вознемирен. Па еден ден ни се жали Бранко, а другиот ден му одговара Бучко. И така, додека Бранко и Бучко си ги мерат кому му е поголем, на Ахмети му расте. рејтингот.

    17 септември
    Јавниот обвинител Александар Прчевски вели дека е последна будала, ама вие не треба да му верувате. Тој можеби е будала, ама не е толку. Има барем малку памет за да си ја чува сопствената кожичка. Нели кога објаснуваше дека не бил правилно сфатен, рече: “Секому му е својата кожа мила, а мене ми е најважна мојата”. Значи, почитувани граѓанки и граѓани на Македонија, на државниот јавен обвинител баш му е гајле за вашите кожички. Прчевски си ја чуваше кожичката и во скандалот ТАТ, па од претседател на Судот во Битола дотурка до оваа функција. Сега е јасно и зошто Прчевски не поведе истрага за авионската несреќа кај Мостар. Него не го интересира кожата на Трајковски. Затоа што си ја чува својата.

    15 октомври
    Од Европската унија ѝ порачаа на министерката за правда Мери Младеновска дека се бараат вистински реформи во судството, а не само козметика. Мери, пак, сериозно почна со козметиката. За почеток си ги искуба веѓите.

    29 октомври
    Американскиот претседател Џорџ Буш ја пофали Македонија за три работи: За Авганистан За Ирак За Косово. 12 ноември Франција е зрела за Рамковен договор. Емигрантите од гетата во предградија се бунтуваат 13 дена. За разлика од нас, на кои ни требаа странска помош и олеснувачи да се спогодиме со бунтовниците, Французите се во привилегирана позиција. Тие си ги имаат олеснувачот Леотар и Бадинтер. Им фали само Пердју да им го зајмат Американците. Бидејќи ние успешно менаџираме кризи, а и кандидатурата за ЕУ ја добивме како награда за рамковниот договор, им ги ставаме на располагање на Французите, а и на другите на кои ќе им притреба стручен совет нашите искуства од 2001 година. Ова е списокот што треба да направи: Прво да седнат во кафеана и да ручаат. Потоа да одат во Сен Тропе на Азурниот Брег и да преговараат со командантите на бандите од предградијата. Така се прави Сен Тропе договор. Да прогласат општа амнестија за бунтовниците. Автомобилите што гореа и државните згради што настрадаа во пожарите да ги прогласат за колатерална штета. Да си го сменат Уставот. Командантите на бандитите да ги направат министри. Да има правична застапеност во јавната администрација. Да направат мешовити мултиетнички полициски патроли. Да воведат двојазичност во париските општини каде што имаат над 25 отсто емигранти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари