Е ПА, АЈ ФИРОМ ДА ГО ВРАТИМЕ

Придавката „северна“ ти е проблем? Тогаш избери што ти е поважно: името, јазикот или нацијата?

Е ПА, АЈ ФИРОМ ДА ГО ВРАТИМЕ

1 Кусо траеше славата на новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. Само три-четири часа. Истите државници, дипломати и официјални лица што напладне ѝ честитаа за историскиот избор на прва жена на претседателската функција на Република Северна Македонија, потоа испратија пораки дека се многу загрижени, разочарани и вознемирени затоа што во свечената заклетва таа не го користеше уставното име Република Северна Македонија.

Не верувам дека претседателката е толку наивна, па не можела да претпостави дека нејзиниот избор при давањето заклетва да не го користи уставното име на државата ќе предизвика лавина реакции од земјите на ЕУ. Реакциите стасаа и од САД, што по 27 години успеаја да го решат спорот со Грција со Преспанскиот договор и да обезбедат стабилност барем на оваа точка во регионот. Не верувам дека ни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, чијашто кандидатка беше професорката од Правниот факултет во Скопје, не знае дека си има работа со организирани држави. Толку организирани, што веднаш реагираа само што грчката амбасадорка  демонстративното ја напушти собраниската седница. Толку им требаше. Едно станување од столче на грчки амбасадор.

Впрочем, Гордана Сиљановска-Давкова како кандидатка и на претходните претседателски избори уште на првиот митинг на 31 март 2019 во Охрид изјави: „Ќе дојде одговорен претседател, ќе дојде одговорен парламент што ќе ја почитува опозицијата и државнички ќе се однесува, ќе дојде нов состав на Уставен суд што ќе го брани Уставот. Тогаш ние еден ден со една уставна промена, важна, ќе го заштитиме името со клаузула за непроменливост“.

И така, првиот ден од мандатот претседателката го почна со меѓународен скандал.

Штета. Веќе си ги троши деновите, а претходно и таа и партијата што ја предложи ветуваа дека ќе ја менуваат преговарачката рамка за ЕУ. Ветуваа и дека ќе го менуваат Договорот за добрососедство со Бугарија. Место да ја имаме Грција како сојузник во процесот за пристапување кон ЕУ, бидејќи откако е потпишан Преспанскиот договор барем таа не нѐ блокираше за ЕУ, тие веднаш се скараа со оваа земја. Се фатија со чистење на ланскиот снег. И палат пожар кај што почнала да расте шума.

2 И така, сега пак ќе си си го трошиме времето, енергијата и капацитетите во битка во која на Грција ништо нема да ѝ фали, само ние ќе губиме. Затоа што и Сиљановска-Давкова и Мицкоски даваа ветувања што не се кадарни да ги исполнат. Немаат што да понудат во меѓународната политика, па сега ќе нѐ палат со популизам.

Од популизам ќе офајди само ВМРО-ДПМНЕ. Го паметиме периодот кога по грчкото вето за НАТО во 2008, Никола Груевски во име на патриотизмот ја ограби и ја зароби државата. И во сегашното раководството на ВМРО-ДПМНЕ има луѓе што добро памтат како се нафатираа по 2008. Би било наивно да се мисли дека тие ќе го заборават фајдето што лично го имаа од тој башибозук.

3 Не можам да верувам дека Мицкоски не ја сфати ни суптилната порака на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дека и тој лично не се согласува со Договорот од Преспа, а „особено со одредниците ‘македoнска нација’ и ‘македонски јазик’“, но го прифатил Договорот „во рамки на континуитетот на државата и препознав дека и покрај моето несогласување морам да го почитувам“.

Најголемата придобивка од Преспанскиот договор, покрај приемот во НАТО, беше токму признавањето на македонската нација и македонскиот јазик. И сега тоа што го кажува Мицотакис отприлика звучи вака: Сакаш да се тепаме? Придавката „северна“ ти е проблем? Тогаш избери што ти е поважно: името, јазикот, или нацијата? Притоа, сите три во едно не влегуваат во пакетот. Тоа е завршена работа, заверена во ОН.

Ако не, па ај ФИРОМ да го вратиме. Па после пак ќе преговараме уште 50 години за Македонија.  Американците нека ни пратат нов Нимиц. И да си ги извадиме од фиоките ливчињата на кои Грците ни удираа печати наместо во пасош.

А Мицкоски му одговара – и мене не ми се допаѓа, и тебе не ти се допаѓа, па ај да одиме на суд. На кој суд? На оној во Хаг, каде што Македонија ја доби пресудата во 2011 против Грција затоа што ја прекршила Времената спогодба од 1995 кога стави вето за НАТО.

Правдата е на наша страна. Спорот беше бесмислен. Ама се преговараше под покровителство на ОН. На Мицкоски му е совршено јасно дека каде што има сила нема правдина. Ама така му чини, оти уште ни се свежи сеќавањата колку и како додека бевме блокирани и изолирани ќар имаше само врхушката на ВМРО-ДПМНЕ.

4 Нема правда ни во тоа што ни го направи ЕУ со поддршката што ѝ ја даде на Бугарија со ветото за Македонија, кое во суштина го има непризнавањето на македонскиот јазик и македонската нација – идентитетот, што е носечката греда на Преспанскиот договор. Да си го испорачаше ЕУ ветеното почнување преговори по Преспанскиот договор, оваа тема ќе беше депласирана и ВМРО-ДПМНЕ немаше да може пак да ѝ ја вади маста. Тоа ќе беше историја. Или, што би рекол Мицотакис, „во рамки на континуитетот на државата“.

5 Христијан Мицкоски изјави дека иако во институциите и документите Република Македонија е веќе заменета со новото уставно име, тој и понатаму нема да изговара „северна“. Вели: И додека давам изјави или се обраќам  и јас, а очекувам тоа да биде начин на однесување и на претседателката Сиљановска“.

Претседателката во инаугуративниот говор два пати му се заблагодари на математичарот Мицкоски дека ако не бил тој, ни таа немало да биде избрана. Бидејќи во истиот говор таа многу инсистираше на моќта на жените во политиката,  витезот Мицкоски не додржа па јавно ни се пофали што очекува од неа.

Оти си жена, има да ме слушаш. Да се знае кој е газда во куќата.

6 Дома ќе ни се јуначат, за ЕУ баш им е гајле, оти и тие таму не знаат каде ќе тераат по јунските избори за Европскиот парламент, ама баш ме интересира колку ќе бидат јунаци од вмровската власт, кога ќе се појават во НАТО. Еве кај е јули, ќе има Самит во Вашингтон, ќе се слави 75- годишнината од Алијансата. Таму ќе се соберат 32 шефови на држави и влади. Меѓу нив, ако Мицкоски ја пушти да излезе од дома, ќе биде и нашата претседателка Сиљановска-Давкова. Можеби таму ќе ѝ успее да го стане од столчето и Мицотакис, како што во Скопје ја стана грчката амбасадорка. Среде Вашингтон да им ја расипе роденденската забава на Американците.

Еден од меморандумите што Грција како обврска од Преспанскиот договор треба да го ратификува во Парламентот е и договорот за чување на македонското небо со авиони на грчкото воено воздухоловство. Верувам дека на Сиљановска ВМРО-ДПМНЕ веќе ѝ обезбедила повеќе умни луѓе што ќе ја советуваат, па белким ќе им текне наместо грчки, да побараме небото да ни го чуваат турски авиони.

Кога ќе јавнеш на бранот на популизмот, безброј генијални идеи ќе излезат. Со толку освоени гласови и комотно мнозинство во Собранието, наместо да се фатат да ги решаваат проблемите поради кои беа избрани, ќе нѐ замајуваат со прашања што се веќе затворени.

 АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира