ЌЕ СЕ ПРИДРЖУВАМ ДО ОФИЦИЈАЛНАТА ПРИМЕНА НА УСТАВНОТО ИМЕ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА

    ЌЕ СЕ ПРИДРЖУВАМ ДО ОФИЦИЈАЛНАТА ПРИМЕНА НА УСТАВНОТО ИМЕ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВАВо соопштението од претседателскиот кабинет потсетуваат дека свечената заклетва Сиљановска-Давкова ја потпиша со уставното име. (Фото: СДК.МК)

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но додава дека има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација.

    Сиљановска-Давкова не кажа „северна“ при заклетвата на инаугурацијата во Собранието на 12 мај, а во соопштението од нејзиниот кабинет потсетуваат дека свечената заклетва ја потпиша со уставното име.

    „Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

    Оттаму велат и дека македонските институции во последниве 5 години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и дека претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира