БЛАГОРОДНОТО СЕМЕЈСТВО КОЕ ГО ИЗГУБИ НАЈМИЛОТО ДОЗВОЛИ ДА ЗАЧУКА НОВО СРЦЕ КАЈ 21-ГОДИШНО МОМЧЕ, ВЕЛИ Д-Р МАЈА МОЈСОВА, НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТОР ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА

    БЛАГОРОДНОТО СЕМЕЈСТВО КОЕ ГО ИЗГУБИ НАЈМИЛОТО ДОЗВОЛИ ДА ЗАЧУКА НОВО СРЦЕ КАЈ 21-ГОДИШНО МОМЧЕ, ВЕЛИ Д-Р МАЈА МОЈСОВА, НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТОР ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈАДокторите ѝ се поклонуваат на младата девојка чие семејство одлучи да ги донира нејзините органи. (Фото: Фејсбук профил на Венко Филипче)

    Во име на докторите и на пациентите кои чекаат трансплантација, д-р Маја Мојсова, национален координатор за трансплантација, му се заблагодари на благородното семејство кое дозволи да се трансплантира сè што може по мозочната смрт на нивната најблиска. Кај 21-годишно момче веќе чука донираното срце, откако цела ноќ на Клиниката за кардиохирургија мултидисциплинарен тим од повеќе клиники работеше на втората трансплантација на срце во земјава.

    Семејствата на починатите донори на органи се херои на денешницата, вели Маја Мојсова, национален координатор за трансплантација. (Фото: СДК.МК)

    „Во име на докторите и пациентите кои чекаат трансплантација, му се заблагодарувам на благородното семејство, кои и покрај тагата поради нивната голема загуба, без размислување дозволи да се трансплантира сè што може по мозочната смрт на младата пациентка. Хуман гест и големо срце на семејството. Тоа се нашите херои на денешницата, кои имаат доблест и љубов да спасат животи на луѓе кои не ги познаваат“, вели д-р Мојсова за САКАМДАКАЖАМ.МК.Срцето е веќе трансплантирано, а ќе се трансплантираат и бубрезите, а извадени се и коски за коскената банка.

    Министерот за здравство Венко Филипче утринава објави на Фејсбук дека во 3 часот и 33 минути утринава кај момче зачука ново, донирано срце.

    Тој му честиташе и му се заблагодари на целиот тим кој ноќеска работеше на трансплантацијата.

    „Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше! Ова е огромен успех на македонското здравство, кој немаше да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загуби животот. Горд сум на моите колеги“, напиша Филипче на Фејсбук.

    Тој вчера изјави дека починала млада пациентка и добиле согласност од нејзините родители за донирање органи.

    Првата трансплантацијата на срце на Клиниката за кардиохирургија во Скопје беше направена на 23 мај лани, кога ново срце доби 54-годишен пациент.

    М. ИЛИОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира