Новата Универзална сала во Скопје ќе има 1.200 седишта наместо како претходно 1.500, партер-седишта кои се склопуваат и даваат можност да се прошири сцената, лед-сијалици наместо рефлектори кои се 4 до 5 пати поенергетски поефикасни, се дел од новите решенија кои денеска ги претстави архитектот Бујар Муча, еден од авторите на проектот со тимот на Мегарон Инженеринг ДОО, Скопје.
Тој кажа и дека ќе има можност за филмски премиери, влезот е значително проширен, има пристап за лица со посебни потреби, во фоајето ќе има простор за седење, а просториите за вработените ќе бидат горе каде што порано беше галеријата. Просторот за седење е намален, рече Муча, согласно европските регулативи за бездбедност и заштита.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков рече дека на 26 септември завршува повикот за јавна набавка за изведувач, и очекувањата се до почетокот на октомври да завршат постапките за избор на изведувач и надзор, по што ќе започне изградбата на Универзалната сала по системот „клуч на рака“. Универзална сала треба да биде готова до крајот на 2027 и со тоа ќе биде во функција за проектот Скопје Европска престолнина на културата 2028.
За овој проект одвоени се 20 милиони евра, распределени во три години. За 2025 година наменети се 15.958 милиони денари, 360 милиони денари за 2026 и за 2027 година 450 милиони денари.

На прашањето што е сменето во проектот од пред 5 години, Муча рече дека најмногу менувале во новитетите во сценска техника, како и нешто од конструкцијата поради пожарот. (Фото: Министерство за култура)
„Проектот, кој беше преземен од Град Скопје, е задржан во делот на идејното архитектонско решение, а изработката е дело на проектантот Бујар Муча. Во конструктивниот дел беа направени измени врз основа на насоките од испитувањата што Министерството за култура и туризам ги побара како неопходност што произлезе од пожарот на објектот. Она што е особено значајно во решението е дека ќе се задржи постоечката форма за почитување на колективната меморија, Универзалната сала ќе располага со капацитет од 1.200 седишта, а ќе има и нова просторна акустика со современи техничко-технолошки системи, како: ХВАЦ, сценска механика, ЛЕД-осветлување, аудио-видео и електрични инсталации. Предвидени се и нови современи материјали во ентериерот и екстериерот, објектот ќе биде енергетски ефикасен, а е изработено и современо, атрактивно партерно и хортикултурно решение“, рече Љутков на денешната презентација пред медиумите.
На прашањето што е сменето во проектот од пред 5 години, Муча рече дека најмногу менувале во новитетите во сценска техника, како и нешто од конструкцијата поради пожарот.
„Во делот на акустиката, менувавме во однос на бучавата која ја создава Универзална, затоа што во меѓувреме тој дел од градот стана станбена зона и моравме да напрвиме ревизија на таа акустикаа. Надвор нема ништо да се слуша што се случува во салата“, кажа Муча.
Универзална сала се запали на 9 април лани, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција. Почна да се реновира кон крајот на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов во 2021. Со доаѓањето на градоначалничката функција на Данела Арсовска работите беа стопирани и две години ништо не се работеше. Потоа со одлука на Владата, Министерството за култура ја презема Универзална сала додека министерка беше Бисера Костадиновска-Стојчевска и се продолжи со реконструкцијата која беше стопирана поради пожарот. Откако ќе биде изградена, пак ќе премине во сопственост на Град Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА