Премиерот Оливер Спасовски објави дека од утре започнува ограничување на движењето на сите граѓани, односно полициски час. Се забранува движење на населението до 21 часот до 6 часот секој ден.
„Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање и само така ќе ги спасиме и народот и државата. Животот радикално се промени и кај нас и во целиот свет. Одлуката е донесена врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести. Од оваа забрана се исклучуваат лица кои имаат потреба од итна медицинска помош, лица во животозагрозувачка состојба и лица на дијализа, исклучиво во придружба на најмногу две лица. Директорите на јавните здравствени установи да изготват список со лица кои имаат потреба од движење во полицискиот час и за нив ќе биде изработени специјални пропусници. Со забраната не се опфатени лица од Министерството за внатрешни работи, армијата, противпожарните екипи, и лица вработени во комунална хигиена“, кажа Спасовски во вонредното обраќање.
Спасовски кажа дека ќе се ограничи бројот на дежурните аптеки, а пристапот до дежурни аптеки ќе се ограничи само на лица кои биле на преглед. Ќе се задолжат такси компаниите да направат дежурства со ограничен број возила за превоз до болници и аптеки, а таксистите ќе носат заштитна маска и ракавици. Се забранува јавен превоз за време на полициски час. Дежурните екипи на ЕВН, топлификација, водовод и телекомите смеат да се движат само дозвола. Директорите и управителите на погони и сите институции се задолжуваат да го прилагодат работното време согласно полицискиот час.
Во сила останува забраната за собирање во групи од повеќе од пет лица преку ден.