ДЕНЕСКА СЕ ГЛАСА ВО ПРВИОТ КРУГ ЗА ИЗБОР НА ПРЕТСЕДАТЕЛ, ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ИМА 1.814.317 ГЛАСАЧИ

    ДЕНЕСКА СЕ ГЛАСА ВО ПРВИОТ КРУГ ЗА ИЗБОР НА ПРЕТСЕДАТЕЛ, ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ИМА 1.814.317 ГЛАСАЧИИзборот на претседател може да се заврши и во првиот круг со оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 50% плус еден, но тоа е тешко, бидејќи гласовите ќе се распоредат на 7 кандидати. (Фото: СДК.МК)

    Граѓаните на Македонија денеска од 7 до 19 часот гласаат на седмите по ред претседателски непосредни избори. Првиот претседател Киро Глигоров беше избран на собраниска седница на 27 јануари 1991 година, кога се формираше Македонија како самостојна држава.

    На седницата на втори април годинава, ДИК ја донесе Одлуката за заклучување на Избирачкиот список. По спроведените промени на податоците за граѓаните во Избирачкиот список кои произлегоа од Јавниот увид, како и ажурирањето на податоците во Избирачкиот список согласно законските одредби, Државната изборна комисија го заклучи Избирачкиот список со следната состојба:

    За Изборите за претседател кои ќе се одржат на 24 април, вкупен број на гласачи запишани во Избирачкиот список има 1.814.317.

    За Изборите за избор на пратеници во Собранието кои ќе се одржат на 8 мај, вкупен број на гласачи запишани во Избирачкиот список има 1.815.350, за 1.033 повеќе од претседателските.

    Минатите претседателски избори се одржаа на 21 април и 5 мај 2019, на кои победи Стево Пендаровски со освоени 435.656 гласови или со 53.59 проценти од бројот на гласачите кои излегоа и гласаа во вториот круг.

    Тој се кандидираше и на овие избори, а покрај него се и Гордана Силјановска, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски.

    Изборот на претседател може да се заврши и во првиот круг со оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 50% плус еден, но тоа е тешко, бидејќи гласовите ќе се распоредат на 7 кандидати.

    Изборот за претседател треба да се случи во вториот круг кога се гласа за еден од двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Но, ако во вториот круг не е исполнет цензусот, односно не излегле најмалку 40 проценти од запишаните гласачи, изборите ќе се повторат од почеток.

    Во канцеларијата на Народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, може да се пријави каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.

    Освен на бесплатната телефонска линијата, може да пријават повреди на избирачкото право и лично во главната канцеларија во Скопје, на улицата Македонија бр.19 во зградата на ТД „Макошпед“ (спроти Спомен-куќата на Мајка Тереза),

    Исто така, денеска дежурства ќе има и во Подрачните канцеларии:Струмица на (034)329-996, Кичево нa (045).228-586, Тетово на (044) 344-082, Битола на (047) 242-310, Штип на (032) 389-701 и во Куманово на (031) 431-488.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира