Десет проекти кои беа одобрени од Министерството за култура во Годишната програма, се повлечени од самите учесници, рече денес министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
Од кабинетот на Алаѓозовски велат оти се работи за проектите: Фестивал на албанската песна „Евент“ на Културно – уметничкото здружение „Евент 2012“ од Тетово; „Поетски бриз“ на Здружението „Иновацион“; детски фолклорен фестивал на Здружението „Бле АНД“ од Тетово; „Запознавајќи ги нашите вредности“ на Сојузот на албански артисти АРТ – Тетово; „Афирмација на албанската култура преку промоција на гостиварската кујна во Франција“ на Здружението ДРИТА АГВ – Гостивар; „Афирмација и одржливост на албанската култура преку промоција на традиционалните обичаи на албанскиот сунет во Македонија“ Здружение Дрита АГВ – Гостивар; „Учество на 19. Меѓународен фестивал“ на Ансамблот „Звуците на Каршиака“, како и два проекти за реализација на концерти на Културно -уметничкото здружение „Алегретто“.
Вкупната сума на одобрени средства за овие повлечени проекти е 8 милиони и 519 илјади денари.
По објавувањето на Годишната програма за култура во февруари годинава, имаше бурни реакции во јавноста и беше побарана ревизија, за што Алаѓозовски вели дека во овој момент комисиите во Министерството ги разгледуваат приговорите и одлучуваат по нив.
„Начинот на којшто ќе можеме да одговориме на приговорите ќе зависи од достапните средства што ќе ги имаме на располагање“, кажа министерот.
Б. НЕСТОРОСКА