16. МАКЕДОКС ПОЧНУВА СО ДОКУМЕНТАРЦИ ОД ЧЕШКА И ДАНСКА, ФОТОИЗЛОЖБА НА ГЕОРГИЕВ И КОНЦЕРТ НА ИБРАХИМИ

    16. МАКЕДОКС ПОЧНУВА СО ДОКУМЕНТАРЦИ ОД ЧЕШКА И ДАНСКА, ФОТОИЗЛОЖБА НА ГЕОРГИЕВ И КОНЦЕРТ НА ИБРАХИМИДолгометражниот документарен филм „Само на земјата“ се најавува како визуелно впечатливо патување во Јужна Галиција, една од најранливите зони на шумски пожари во Европа. (Фото: МакеДокс)

    Шеснаесеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс почнува вечерва во  20:30 часот, во Куршумли ан во Скопје. На програмата се краткиот „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот дански „Само на земјата“ на Робин Петре.

    За филмот „Бардо“ (Чешка, Словачка / 2025 / 27 мин.), режисерката е инспирирана од бардо, тибетско име за граничната состојба помеѓу смртта и повторното раѓање. Долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ (Данска, Шпанија / 2025 / 92 мин.) се најавува како визуелно впечатливо патување во Јужна Галиција, една од најранливите зони на шумски пожари во Европа. За време на најжешкото лето досега, и луѓето и животните се борат со околностите како што наближуваат неизгасливите пожари.

    На отворањето во Куршумли ан ќе биде поставена изложба на фотографии од Томислав Георгиев кои произлегоа од Патувачкото кино на МакеДокс во Кочани.

    Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, од 23 часот, концерт ќе одржи гитаристот Мухамед Ибрахими. Полноќната музичка програма ќе продолжи со диџеј-сет на Шурбе.

    МакеДокс ќе трае до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“. Мото на 16. издание с е „Кому му е гајле за реалноста?“. На фестивалот ќе играат 75 документарци, а се очекуваат околу 100 гости од странство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира