Само една жена досега има освоено Златен глобус за најдобар режисер и тоа ѝ успеа на Барбра Стрејсенд во 1984 година за нејзината музичка драма „Јентл“. Оваа година дава најдобри шанси друга режисерка да се придружи на ова исклучително мало победничко друштво.
Историјата беше испишана уште кога беа објавени номинациите, откако дури три жени се најдоа во конкуренција за наградата најдобар режисер. Клое Жао, Емералд Фенел и Реџина Кинг се погрижија мажите оваа година да бидат малцинство, но тоа не значи дека Дејвид Финчер и Арон Соркин ќе бидат аутсајдери вечерва.
Триесет и осумгодишната Жао го промовираше својот трет филм „Земја на номади“ на фестивалот во Венеција, каде што ја освои главната награда, Златен лав. Моќната драма со Френсис Мекдорманд во главната улога има четири номинации за Златен глобус и е еден од фаворитите во оваа сезона на награди.
Провокативниот деби филм на Емералд Фенел „Надежна млада жена“ имаше премиера на Санденс минатата година и исто така доби четири номинации за Златен глобус. Фенел е 35-годишна британска актерка, која моментално ја игра Камила Паркер Боулс во хит серијата „Круна“.
Само една година откако освои Златен глобус и Оскар за најдобра споредна улога, Реџина Кинг се испроба како режисерка и почна да собира признанија уште за својот прв филм „Една ноќ во Мајами“. Кинг е втората Афроамериканка номинирана за најдобар режисер, по Ава Дувернеј во 2014.