40 АКТЕРИ ВО ТРКА ЗА НАГРАДАТА „РИСТО ШИШКОВ“ – ВО СТРУМИЦА ПОЧНУВА ФЕСТИВАЛОТ НА КАМЕРЕН ТЕАТАР

    40 АКТЕРИ ВО ТРКА ЗА НАГРАДАТА „РИСТО ШИШКОВ“ – ВО СТРУМИЦА ПОЧНУВА ФЕСТИВАЛОТ НА КАМЕРЕН ТЕАТАРБлагоја Чоревски лани ја доби наградата за најдобро актерско остварување на Фестивалот посветен на актерската игра „Ристо Шишков“ во Струмица (Фото: СДК.МК)

    Четириесетина актери од земјава, но и од Хрватска и Бугарија ќе бидат дел од Фестивалот за камерен театар ,„Ристо Шишков“ во Струмица и ќе конкурираат за наградата за најдобро актерско достигнување во чест на бардот на македонското глумиште Шишков. Петте фестивалски денови започнуваат вечерва со претставата „Убавицата и принцот“ на Драмскиот куклен театар од Враца од Бугарија, а ќе се изведат девет камерни престави одбрани од селекторот Благоја Стефановски.

    „Деновиве актерите ќе го слават неговото височество Театарот кој максимално ја користи својата непосредност помеѓу гледачите и светот на сцената, го вовлекува поединецот не само да се идентификува туку и да учествува во тој друг живот, а на крајот од играта театарот ни ја препушта пресудата нам гледачите“, рече селекторот Стефановски.

    За наградата за најдобро актерско остварување ќе одлучува жири составено од ланскиот лауреат Благоја Чоревски, бугарскиот професор Коло Вандов и српскиот режисер Драган Јаковлевиќ. Тие треба да одлучат кому ќе му ја доделат наградата „Ристо Шишков“ вредна 1.500 евра и златен медалјон со ликот на овој актер.
    Годинава за првпат на фестивалот ќе има семинар за актерската игра и театарскиот престави што ќе го одржи Дилвија Хушер креативен продуцент од Унгарија, а со оглед што ФКТ „Ристо Шишков“ е дел од театарската мрежа на Југоисточна Европа ќе бидат доделени и наградите Нета.

    На сцените на Струмичкиот театар освен гостите од Бугарија, ќе се претстават и актерите од хрватскиот театар Вировитица со „Аудиенција“, охридскиот „Григор Прличев“ со „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс. Струмичкиот ќе се претстави со „Шепоти од вода“ од Горјан Милошевски и театарскиот перформанс „Актер-човек“, додека прилепчани ќе ја играат „Семејни приказни“. Кумановскиот ќе се престави со „Недоразбирање“, а на последниот ден од фестивалот ќе играт Мал драмски од Битола со „Мис на предградие“ и Театарот Комедија со претставата „Мечка“.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира