500 МУЗИЧАРИ И 100 ТЕАТАРЏИИ ОД 18 ЗЕМЈИ ДОАЃААТ НА 61. ОХРИДСКО ЛЕТО

    500 МУЗИЧАРИ И 100 ТЕАТАРЏИИ ОД 18 ЗЕМЈИ ДОАЃААТ НА 61. ОХРИДСКО ЛЕТОДиректорката на Фестивалот Наташа Поповиќ и музичката селекторка Даница Стојанова на денешниот прес. (Фото: Охридско лето)

    Музички и театарски уметници од околу 18 земји ќе дојдат на годинашното  61. издание на Охридско лето, кое ќе се одржи од 12 јули до 20 август. Отворањето е со проектот „Големиот Чајковски“ на Националната опера и балет (НОБ), а затворањето е со Југословенскко драмско позориште од Белград со претставата „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ во режија на Егон Савин.

    Директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ, претставувајќи ја програмата денес најави дека „Големиот Чајковски“ ќе ја донесе балетската трилогија со најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски, „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.

    На сцената на Античкиот театар ќе излезат над 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на НОБ, под диригенство на Бисера Чадловска.

    „Годинава ќе настапат околу 500 уметници од 18 земји, Србија, Холандија, Словенија, Русија, Бугарија Косово, Германија, Хрватска, Турција, Франција, Италија, Чешка, Романија, Грција, Црна Гора, Белгија и САД како и уметници од Северна Македонија. Можам да најавам врвни концерти со познати светски имиња, но приоритет им дадовме на нашите македонски уметници кои имаат светска слава, нашите национални оркестри и театарски куќи. Во време кога сите обединети се справуваме со пандемијата, во време кога здравствените работници се нашите херои, одлучивме концертот ‘Танец и Ладо под ѕвездите’ на Ансамблот за народни игри и песни ‘Танец’, Македонија и Ансамбл на народни хрватски игри и песни Ладо, Хрватска, кој е на програмата на 28 јули на Античкиот театар, да биде од хуманитарен карактер. Средствата од влезниците ќе бидат донирани во здравството. Со тоа ќе покажеме дека сите сме заедно, сплотени, во борбата со коронавирусот но и ќе оддадеме благодарност за сѐ она што го прават медицинските лица“, рече Поповиќ.

    Селекторката на музичката програма  Даница Стојанова, најави дека музичката програма годинава ќе донесе 34 концерти со врвни уметници, од кои два ќе се одржат во рамките на офф-програмата.

    „Досега ниеден од уметниците не се откажа и сѐ тече во најдобар ред, сите со нетрпение чекаат да дојдат и да настапат. Ќе чуеме врвни имиња како Александар Штаркман, Ѓуљсин Онај, Вихан квартет, Ирина Графенауер, Мате Бекавац, Кирил Родин, Жени Захариева, Маја Богданович, Даниел Родан, Стојан Димов и Дино Имери, Дарко Костовски, Васко Дантас, барокниот ансамбл Театро ала мода, Горѓи Цинциевски, Саимир Пиргу и Мерита Таршана, гудачки квинтет на филхармонијата од Загреб на чиј концерт ќе настапи нашиот млад виолинист Александар Иванов, Калина Мрмевска“, кажа меѓудругото професорката и пијанистка Стојанова.

    Над 100 уметници ќе бидат дел од драмската програма, најави селекторот Александар Поповски.  Тој вели дека програмата е составена од она што домашната продукција успеа да го создаде во овие специфични услови во кои мораа да работат тетарите како и од двете најголеми театарски куќи од Србија, Српско народно позориште од Нови Сад и Југословенско драмско Позориште од Белград.

    „Сосема сум свесен за ситуацијата во која се наоѓаме и за разликата помеѓу желбите и она што е реалност. Сметам дека треба да го славиме секој изговорен збор од сцените, секој гест, секој аплауз. Мислам дека ако нешто можеме да научиме од оваа ситуација е тоа колку многу е важно она кое го работиме и колку силно мораме да го чуваме она што го нарекуваме театар“, рече режисерот Поповски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира