АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ЌЕ ДАДЕ 100 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ОСКАРОВСКАТА КАМПАЊА НА „СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА

    АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ЌЕ ДАДЕ 100 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ОСКАРОВСКАТА КАМПАЊА НА „СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА„Агенцијата за филм не учествуваше во снимањето на филмот, но тоа не значи дека не можеме да дадеме поддршка“, рече Мицевски. (Фото: К. Попов)

    Агенцијата за филм на Македонија издвои 100 илјади евра за кампањата за Оскар за документарниот филм „Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, кажа денеска в. д.  директорот на Агенцијата, Сашко Мицевски.

    „Силјан“ е македонски кандидат за Оскар за Најдобар странски филм за 2026, a во септември „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци го откупи за прикажување. Според правилата на Американската филмска академија, со оглед дека има американски дистрибутер, „Силјан“ може да се квалификува како кандидат за Оскар и во категоријата Најдобар документарен филм. За квалификација за номинација за Најдобар документарен филм, документарниот филм мора да се прикажува во кино во определени области во САД седум дена непрекинато во перидот од 1 јануари 2025 до 31 декември 2025 година.

    Номинациите за Оскарите ќе бидат објавени на 22 јануари 2026, а доделувањето е на 15 март.

    „Агенцијата активно ја поддржува и кампањата за Оскарите на документарниот филм на Котевска, за што се издвоени 100.000 евра, со цел достојно претставување на нашата држава на најпрестижната филмска платформа во светот. Кампањата ја води ‘Нешнл џиографик’, а вкупниот буџет на кампањата е 700 илјади евра. Агенцијата за филм не учествуваше во снимањето на филмот, но тоа не значи дека не можеме да дадеме поддршка“, рече Мицевски.

    „Силјан“ пред две недели доби две значајни номинации за наградата Филмско око (Cinema Eye Honors), една од најреномираните светски признанија за документарни филмови. Од продукцијата тогаш рекоа дека овие номинации за „Силјан“ доаѓаат во момент кога филмот влегува во најкритичната фаза од глобалниот награден циклус и дополнително го засилуваат неговиот профил на меѓународната сцена.  Филмот е сниман 3 години и Котевска сама го има започнато од идеја до продукција. Таа е и режисерка и продуцентка на филмот во копродукција со американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, останати продуценти се Жан Дакар кој е и кинематографер на филмот, како и Јорданчо Петковски и Ана Хашми, а монтажер е Мартин Иванов.

    Мицевски на денешната прес-конференција, закажана по минатонеделниот извештај за работотата на Агенцијата за 2024 од Државниот завод за ревизија, рече дека важно е да се појасни дека извештајот се однесува на ревизија на неколку избрани проекти и на период заклучно со 2024, што, вели, не ја одразува состојбата по спроведените реформи и активности реализирани во 2025 година.

    „Во текот на 2025  Агенцијата за филм реализира историски рекордна исплата во износ од 3.160.000 евра како финансиска поддршка за филмската дејност. Исплатата е реализирана кон вкупно 55 филмови и 36 фестивали. Истовремено, обврските за 2025. и покрај новите одобрени филмски проекти, се намалени за 20% во споредба со 2024 година, што укажува на зголемена финансиска дисциплина и подобрено планирање.
    Во изминатиот период вложивме големи напори да ја расчистиме институцијата од наследените административни заплеткувања и да воспоставиме нови, функционални принципи на управување.  Во тек е спроведување на попис, и потоа точно ќе имаме увид  колкави се обврските на Агенцијата за филм кон проектите и во јануари ќе биде соопштено за сите долгови.  Сметам дека има шокантни внатрешни информации што ќе ја интересираат јавноста“, кажа Мицевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира