„АИДА“ ЌЕ ЈА ИЗВЕДЕМЕ НА ОТВОРЕНО ЗА МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА НОБ ВАСКО РИСТОВ

    „АИДА“ ЌЕ ЈА ИЗВЕДЕМЕ НА ОТВОРЕНО ЗА МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА НОБ ВАСКО РИСТОВ„Ако се попуштат рестрикциите од Владата, се враќаме во салонот на НОБ со ограничен број на публика“, вели директорот на НОБ, Васко Ристов. (Фото: НОБ)

    Националната опера и балет (НОБ) по вторпат е во неизвесност пред одржувањето на Мајските оперски вечери (МОВ ) поради ковид пандемијата. Оперските и балетски уметници, хористите, музичарите веќе една година се далеку од сцената.

    „Поради целата ситуација со пандемијата, приморани сме и оваа година за мај да имаме престави кои ќе бидат снимени и презентирани на нашиот Јутјуб канал“, вели генералиот директор Васко Ристов.

    На 9 мај се планира онлајн прикажување на гала-концерт за 230-годишнината од смртта на Моцарт. На 17 и 20 мај онлајн прикажувања на два полурецитали на оперски првенци и солисти, на 23 мај онлајн прикажување на хорски концерт. Ако Комисијата за заразни болести донесе нови мерки со кои би се овозможило присуство на публика, премиерно ќе биде изведена претставата „Игри на животот“, а ако останат овие мерки на сила ќе има онлајн прикажување на 29 мај, вели Ристов. Истото се однесува и на настанот за 27 мај, „Романтична балетска вечер“, ако се овозможи присуство на публика, премиерно ќе биде изведена претставата.

    „За планираната програма со железен репертоар за Мајските оперски вечери бевме приморани да направиме пренамена со друга програма адаптирана според протоколите и целата ситуација со пандемијата. На отвoрањето на МОВ беше планирана премиерата ‘Палјачи’ од Роџеро Леонкавало. Одложена е, планирана е за премиера за отварање на сезоната кон крајот на септември 2021“, вели директорот Ристов за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Од отворањето на Мајските оперски вечери во 2019 со „Аида“. (Фото: К. Попов)

    * Владата ги попушта рестрикциите, но секако постои неизвенoста за одржувањето на културните настани. Се подготвувате за онлајн прикажувања, но кој е планот Б ?

    Ако се попуштат рестрикциите од Владата, се враќаме во салонот на НОБ со ограничен број на публика како и досега со скратена програма во концертна изведба на сите опери и балети во времетраење најмногу до час и половина, според протоколите на Комисијата за заразни болести и нашиот протокол како институција. Оркестарот на дистанца од два метра, уметниците гудачки и удирачки инструменти свират со маска, дувачките без маска, хорот со ограничен број до 30 уметници на сцена на дистанца на два метра. Ограничен број на балетскиот ансамбал, учество со маски и балетските солисти во пар со маски, соло точките на балетските играчи ќе бидат без маски.

    *Со оглед на убавото време кое следи, дали се планираат настапи на отворено на платото пред НОБ?

    Да, секако, конкретно за Мајските оперски вечери планирана е операта „Аида“ да ја дадеме на отворено на платото пред НОБ, но сѐ уште не се знае датумот на прикажување. И како што кажав, планираме што повеќе на отворен простор да имаме концерти се разбира со запазување на протоколите и очекуваме да нѐ послужи времето и сите претстави во концерта изведба, концерти и балет да ги реализираме на отворено, пред платото на НОБ.

    *Како ја одржуваат уметниците кондицијата, и физичка и креативна, цела оваа година со оглед на големата сценска пауза, со исклучоци секако?

    Кога беа сите тие полициски часови, колегите уметници од Oркестарoт со своите инструменти вежбаа дома, оперските солисти и хористите индивидуално во домашни услови им се посветуваа кондиционо на своите гласови со вежбање. Најголем проблем имавме за балетските уметници, немаат услови и не можат да вежбаат во домашни услови. Ако немаат континуирана работа секој ден и опаѓаат од форма и после секоја пауза им треба повеќе време да се вратат во кондиција. Очигледно е дека на сите институции со музички уметници ќе им треба повеќе време да се вратат во таа права форма (кондициона). Сцената им фали на уметниците, публиката, на сите нас. Сите настани што ги имавме со 30% од вкупниот број на седишта секогаш беа исполнети до последно место. Ѝфалиме на публиката, нашата публика која секогаш ни даваше огромна подршка е секогаш присутна на нашите оперски и балетски претстави. Се надеваме дека што побрзо ќе помине оваа пандемија, ќе се вратиме во нормално живеење, работење, уметниците да се вратат на своето место, а тоа е сцената на НОБ.

    „Поради целата ситуација со пандемијата приморани сме и оваа година за мај да имаме престави кои ќе бидат снимени и презентирани на нашиот Јутјуб канал“, вели Ристов. (Фото: Приватна архива)

    * Сметката на НОБ во последниве години често е блокирана поради извршители. Во каква состојба е сега националната куќа? Откако сте вие директор дали и колку успеавте да вратите од долговите на претходните раководства?

    Кога бев назначен за директор на НОБ, наследив долг од 53 милиони денари или 800.000 евра. Со завршната сметка со 31. 12. 2020 година долгот е намален на 36,5 милиони денари со оглед на тоа една година како немаме редовна продукција, продажба на билети и изнајмување на салонот успеав да го намалам долгот на НОБ. Во договор со министерката за култура Ирена Стефоска, се договоривме да направивме пренамена од Годишната програма за да можеме да враќаме стари долгови од претходните директори на НОБ. Министерката Стефоска има големо разбирање на нашите проблеми како институција, заедно ги решаваме проблемите, продолжуваме понатаму, нема назад, институцијата мора да се врати во нормала и да почне да функционира нормално. Вработените во НОБ не се виновни за недомаќинското несовесно работење и негрижата на сите мои претходни колеги директори на НОБ. И оваа година приморани сме да направиме пренамена на средства од годишната програма за 2021 година, да се враќаат уште долгови, немаме друга солуција во ова невреме на нефункционирање поради коронавирусот. Откако сум директор сите трошоци се сведени на минимум. Од како сум назначен до ден денес доаѓаат извршни решенија од 2015/16/17/18 година, од доверители, физички лица и други. Парите што ни ги пуштаат од Министерството за култура, за комуналии, ни ги земаат извршители, а тие средства се строго наменски за струја, вода и парно.

    Директорот на НОБ Васко Ристов, тогашниот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи, јапонската амбасадорка Кеико Ханеда и Џиро Такеичи, извршен директор на Јапонската агенција ЏАЈКА во декември 2019 потпишаа културен грант од 663 илајди евра. (Фото: К. Попов)

    *Во 2019 беше најавен грант за музички инструменти од Јапонија. До каде е тој проект?

    За донацијата-културен Грант одобрен од Владата на Јапонија наречен „Проект за подобрување на музички инструменти опрема за звук и осветлување за НУ Опера и балет на Република Северна Македонија” во вредност од 663.000 евра, аплицирав уште на самото доаѓање на функцијата. Од 65 земји апликанти ние како институција влеговме во најтесен круг во петте земји добитници на ваков грант, сите во различни сфери. Почнавме со редовна комуникација со главните преставници на агенцијата ЏАЈКА од Токио  со нашиот преставник на ЏАЈКА во Македонија Сашо Димитров и мојата колешка за меѓународна соработка  Наташа Теодосиевска. Претставниците од Јапонија цело време доаѓаа и ја скенираа институцијата. За овој грант од 663.000 евра се договоривме да бидат вклучени комплет ударни инструменти за оркестарот на НОБ, контрабас и виолина, професионални столици и пултови за уметниците, харфа, плус озвучување и осветлување. Грант кој е многу важен за нашата институција. Објектот е стар 40 години, сѐ е застарено, ќе имаме големо подобрување на квалитетот во Оркестарот и квалитет на самите претстави на сцената на НОБ. Во завршна фаза сме. Сѐ е договорено и потпишано, во секој момент сме во очекување на првата пратка од донацијата, а тоа е осветлувањето и озвучувањето.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира