АКТЕРИТЕ ОД СТРУМИЦА ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ ПОБАРАA ОСТАВКА НА МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКА

    АКТЕРИТЕ ОД СТРУМИЦА ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ ПОБАРАA ОСТАВКА НА МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКАОставката ја побараа бидејќи цели два месеци министерката не реагирала за изборот на Васил Бубев за директор на струмичкиот Центар за култура. (Фото: СДК.МК)

    Струмичките актери, облечени во костуми по повод светскиот ден на театарот, пред НУЦК „Антон Панов“ ги прочитаа светската и македонската театарска порака одиграа фрагменти од повеќе претстави и побараа оставка од министерката за култура Ирена Стефоска. Оставката ја побараа бидејќи цели два месеци министерката не реагирала за изборот на Васил Бубев за директор на струмичкиот Центар за култура, туку напротив таа се обидувала да го одбрани донесеното решение кое не оди во прилог на културата и театарот во Струмица.

    Кажаа дека Ирена Стефоска како министерка требала да работи културата да ѝ се врати на фелата, па дури и менаџирањето и уметничкото раководство, а не на лица кои немале допирни точки и по партиски клуч се поставуваат за раководители и директори по културните институции во земјава.

    „Наместо ослободување на институциите во културата од политичко влијание, министерката спроведува најгруба политичко-партиска окупација на институциите од културата. Министерката не смееше да избира и да поставува партиски директори на институциите од културата, па бил тоа избор и на самиот премиер. Изборот на директори уште понагласено продолжува да се прави по партиски клуч и тоа не се однесува само на НУЦК ‘Антон Панов’ Струмица. Министерката се стави во одбрана на партизацијата и корупцијата и не ги почитува ниту стратешките принципи на министерството, ниту професионалните, ниту етичките начела, затоа бараме итна и неотповиклива оставка на функцијата“, кажа Оливера Аризанова Монсбарт, актерка од струмичкиот театар.

    Незадоволството на струмичките актери од изборот на Бубев трае цели два месеца. Тие завчера својот проблем го пренесоа и во кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски. Од Министерството за култура останаа на ставот дека единствено Васил Бубев ги исполнил правно формалните услови по распишаниот конкурс за директор на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира